Откако објавивме за „Росица“ во скопската населба Ѓорче Петров, издвојуваме уште една градинка за пример во која вработените со многу ентузијазам, а минимална инвестиција, предизвикуваат многу детски насмевки
Се сеќавате на игрите плочка, змија, земја… Цртавме со креда или цигла на уличниот асфалт за да ги играме. Овие игри, а и неколку други, само пошарени, ги подготвиле за децата вработените во детската градинка „Гоце Делчев“ во Општина Илинден. Со минимална инвестиција, колку за да купат бои, ги развеселуваат дечињата, родителите, но и бабите и дедовците, кои на пат до градинка и до дома си играат.
Супер е да си играш како дете
– Нема веќе плачење кога доаѓаме во градинка. Ќе поскокаме на плочка, ќе оди по стапалчињата и весело стасуваме. Искрено, многу убави спомени ми вратија игриве. Супер е кога повторно ќе се почувствуваш како дете, иако си родител, главно ненаспан – се смее Маја Т., чиј син оди во градинката.
Друга мајка вели дека ако врне, можат без да застанат на лулашки да претрчаат преку цртаните игри и да си поиграат.
– И тоа секој ден со огромна радост. Она што ми е најмило е што повторно се вратени дел од игрите од нашето детство – додава таа.
Пешачката патека до градинката била реконструирана изминатиот месец. Игрите ги играат децата и додека се во градинка.
– Заедно со воспитниот тим одлучивме по самата патека со асфалтни бои да бидат исцртани игри кои заедно со дечињата ќе ги изведуваме во рамките на воспитниот процес. Го направивме замисленото со воспитувачите Златица Тодоровска, Моника Димитриевска, Мирјана Цветковска, Драгана Крстиќ, Јованка Костадиновска и Маја Ангеловска. Секој ден сме сè посреќни што изработивме вакво дело – вели м-р Катерина Бојковска-Јовчевска, директорка на градинката.
И бабите и дедовците потскокнуваат
Таа вели дека се подготвуваат за реконструкција и на преостанатата дворна површина, на која ќе има нови игри.
– Игрите придонесоа децата среќни и насмеани и со потскокнување да го поминуваат патот до градинката. Честопати ги изведуваат игрите заедно со своите родители, дедовци и баби. Сите скокаат и играат во дворот на градинката. Прекрасно е кога се слуша детска смеа – додава Бојковска-Јовчевска.
912