Доброто ментално здравје на 11-годишна возраст го намалува ризикот од дебелина или прекумерна тежина на 17-годишна возраст, покажува едно истражување. Студијата, која била спроведена на 8.000 млади луѓе од страна на истражувачи од Универзитетот во Ливерпул и Универзитетот во Мејнут, е објавена во списанието „Дебелина“. Тие анализирале податоци од 4.556 11-годишници и 3.791 14-годишници кои се сметале за дебели или со прекумерна тежина, а потоа повторно ги набљудувале кога наполниле 17 години.
Нивната психолошка состојба била оценета со прашања на кои одговарале лично тие или нивните старатели, а се однесувале на самодовербата, среќата, симптомите на депресија, социјалната поддршка, задоволството од изгледот и малтретирањето на интернет.
Истражувањето покажало дека подоброто ментално здравје и добрата психосоцијална благосостојба на 11-годишна возраст, но не и на 14-годишна возраст, се поврзани со прекинување на дебелината до 17-годишна возраст. Помеѓу дебелите 11 и 14-годишници, околу 12 проценти од 11-годишните и 4 проценти од 14-годишниците биле со нормална тежина на 17-годишна возраст.
-Оваа студија е прва што покажа дека добрата психолошка состојба, особено на 11-годишна возраст, игра важна улога во објаснувањето зошто некои деца преминуваат кон здрава телесна тежина, а други остануваат дебели до 17-годишна возраст. Иако е потребна понатамошна работа за да се разбере зошто раната адолесценција е клучна точка, знаеме дека тоа е период во животот на детето кога може да доживее промени, како што е транзицијата во средно училиште. Психолошката поддршка во тековниот третман и превенција на дебелината, особено во (тој) чувствителен период, може да биде многу важна. Професионалната поддршка на луѓето со дебелина е клучна ако сакаме да постигнеме сериозен напредок во нејзиното намалување – нагласи Густи Нгурах Еди Путра од Универзитетот во Ливерпул.
912