Јазот помеѓу резултатите од олимпијадите и од ПИСА може да се припише на мотивацијата и посветената работа на учениците и наставниците, од една страна, и условите за работа, од друга

На ПИСА-тестирањето сме на дното, на меѓународните олимпијади освојуваме медали. На што се должи оваа огромна разлика? Ова е прашањето на кое одговараат повеќе професори, наставници, експерти вклучени во образовните процеси во земјава. Без разлика што ПИСА опфаќа ученици на 15 години по случаен избор, а на меѓународни натпревари одат најдобрите ученици, целта е да детектираме системски пропусти за лошите резултати, особено по последната Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки каде што нашиот тим освои две сребрени и три бронзени медали.

Ова е ставот на проф. д-р Марина Стефова, раководител на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

– Се радуваме на одличните резултати на Меѓународната олимпијада по природни науки, оваа година најдобри досега, кои потврдуваат дека нашите ученици можат да учат и да научат содржини и многу понапредни од оние на училиште и да се натпреваруваат со врсниците од светот. Како што покажуваат резултатите, вредни и мотивирани ученици, кои ги минуваат селекционите натпревари, а потоа посветено работат на подготовките, немаат проблем да постигнат успех.

Проф. д-р Марина Стефова

Јазот помеѓу резултатите од олимпијадите и од ПИСА може да се припише на мотивацијата и посветената работа на учениците и наставниците, од една страна, и условите за работа, од друга. Имено, учениците и наставниците, при подготовките за државните, а особено за меѓународните натпревари вредно работат неколку месеци на усвојување понапредни знаења и совладување практични вештини во лабораторија, покажувајќи голем ентузијазам и желба за нови знаења во полето на природните науки и успеваат да достигнат високо ниво на знаења и вештини, како што се гледа од резултатите. Вториот клучен елемент кога зборуваме за природни науки се условите за работа, па затоа подготовките во лабораториите на институтите за хемија, физика и биологија на Природно-математичкиот факултет со учество на наставниците и соработниците од факултетот се покажуваат како извонредно ефикасни.

Значи, клучот за успех е мотивирани ученици и наставници и обезбедување услови – лаборатории за природни науки во училиштата. Тоа, заедно со постојаното ревидирање и подобрување на наставните програми по предметите од природни науки, ќе придонесе за подигнување на општото ниво на знаења од природни науки и поттикнување истражувачки дух и критичко мислење на сите ученици во Македонија.



912

X