Совети

Како науката го објаснува и лекува мајчинскиот страв од неуспех

Ако некогаш сте се почувствувале како лоша мајка затоа што за вечера сте послужиле житарки со млеко, затоа што сте викнале по децата кога сте биле преуморни или затоа што со половина внимание сте ја гледале нивната десетта претстава во дневната соба, не сте сами. Истражувањата покажуваат дека дури 91 % од мајките чувствуваат постојана грижа на совест, а голем дел од нив се грижат дека не прават доволно за своите деца.

Честопати на оваа појава гледаме како на лична мана. Но, д-р Кира Бобинет, лекар и експерт за однесувањето и човечката мотивација, објаснува дека таквиот став е погрешен и само ја влошува состојбата. Вината што ја чувствувате не открива каква мајка сте.


Во нашиот мозок постои детектор за неуспех

Длабоко во мозокот се наоѓа еден мал дел одговорен за тоа. Замислете го како вграден алармен систем кој треба да забележи кога нешто тргнало наопаку, кога сме направиле грешка, кога сме одбиени или кога не сме ги исполниле очекувањата. Кога овој аларм ќе се вклучи, тој веднаш ги намалува нашата желба за работа, расположението и надежта. Она чувство на емотивен пад откако ќе ја изгубите трпението со детето? Тоа е ефектот на овој мозочен систем.

Кај мајките овој дел реагира многу посилно поради биолошката поврзаност (благосостојбата на детето ја доживуваат како сопствена), но и поради општествениот притисок кој наметнува недостижни правила за совршенство.

-Мајката ова го доживува како: „Јас сум лоша мајка“. Но, под површината тоа е само мозочен круг кој го прави она што секогаш го прави кога мисли дека сте згрешиле – д-р Кира Бобинет.


Зошто една заборавена белешка се доживува како голема несреќа?

Мозочниот аларм за неуспех не ја мери реалната големина на проблемот. Тој реагира на приказната што самите си ја кажуваме за тоа што ни се случило.

Ако вашиот внатрешен глас вели: „Добрите мајки секогаш планираат однапред, готват здрави оброци и никогаш не забораваат ништо“, тогаш дури и најмалиот превид мозокот го преведува како доказ за неуспех. Мозокот не реагира на житарките за вечера; тој реагира на мислата „оваа личност не вреди“, што го доживува како закана за вашиот мир.

Ноќното скролање по социјалните мрежи и сликите од навидум совршени мајки само дополнително го храни овој дел од мозокот кој веќе и онака будно бара докази дека не сте на висина на задачата.


Поголемиот труд не го решава проблемот

Обично реакцијата на мајките што чувствуваат вина е да почнат да се трудат уште повеќе – повеќе обврски, повеќе управување со сè, помалку одмор. Д-р Бобинет вели дека ова е најсуровиот дел од кругот бидејќи едноставно не помага.

Недостижни правила → Неизбежна грешка → Вина → Прекумерен труд → Исцрпеност → Нова грешка

Колку повеќе се обидувате да ја надмудрите вината со совршенство, толку повеќе „неуспеси“ ќе открива вашиот алармен систем. Грубиот внатрешен глас кој вели „собери се“, како и преголемите ветувања од типот „никогаш повеќе нема да викнам“, само го држат алармот постојано вклучен.


Како навистина да си помогнете?

Мозокот има способност да се менува и да се приспособува. Советите на д-р Бобинет се јасни и практични:

  • Прифатете го „истражувачкиот менталитет“: Наместо да гледате на родителството како на испит на кој треба да добиете преодна оценка, гледајте на тоа како на постојан обид. Пробајте нешто, учете од тоа, па приспособете го пристапот. Истражувањето никогаш не е неуспех, тоа е учење.
  • Променете го внатрешниот говор: Наместо „Ова докажува дека сум лоша мајка“, кажете си: „Ова не помина добро, ајде да видам што можам да направам поинаку следниот пат“.
  • Сонот и одморот не се луксуз: Тие директно влијаат врз тоа колку ќе биде смирен мозокот и отпорен на стрес. Грижата за себе не е себичност, туку штит за целото семејство.

Гласот кој ви шепоти „не те бидува“ не е вашето вистинско јас. Тоа е само спој на биологијата и превисоки очекувања од околината.

Силната грижа на совест најчесто е доказ за тоа колку многу ви е грижа, а не за тоа колку лошо ја вршите работата. Кога ќе го почувствувате тој товар и притисок, наместо да се прашате: „Што не е во ред со мене?“, запрашајте се: „Што му е потребно на мојот мозок во моментов за да ми помогне, наместо да работи против мене?“ Таа мала промена во размислувањето го менува целиот свет.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top