Совети

Доењето е преубаво искуство, но со себе носи и секојдневни предизвици: Еве што е сосема нормално

Доењето е преубаво искуство, но честопати се идеализира и ретко се зборува за секојдневните ситуации и предизвици со кои се соочуваат мајките. Еве што можете да очекувате и што е сосема нормално во текот на доењето:

1. Течење на млекото

Течењето на млекото е една од најчестите ситуации и се случува изненадно и неочекувано. Најчесто се јавува во следниве моменти:

  • Кога ќе слушнете плач на бебе: Мајчиното тело е неверојатно поврзано со бебето. Кога ќе го слушнете своето, па дури и туѓо бебе како плаче, мозокот испраќа сигнал до градите дека е време за хранење.
  • Кога е време за подој: Телото се навикнува на ритамот на хранење. Ако прескокнете подој или доцните, градите се преполнуваат и млекото почнува да истекува.
  • За време на доење од другата града: Додека бебето цица од едната града, сосема е нормално од другата да почне да тече млеко поради рефлексот на исфрлање млеко кој е активен во двете гради истовремено.

Не грижете се, ова главно се намалува со воспоставување на лактацијата и приспособување на телото. Во меѓувреме, влошките за доење ќе ве спасат од дамки на облеката.

2. Несиметрични гради

Често се случува бебето да претпочита една града и да цица повеќе од неа, поради што таа града може да стане забележително поголема од другата.

  • Зошто се случува ова? Може едната града да има побрз проток на млеко или на бебето може повеќе да му одговара положбата додека цица од едната страна.
  • Дали е опасно? Не, асиметријата е привремена. За да го поттикнете производството на млеко во другата града, понудете му ја на бебето прво неа кога е најгладно.

3. Чувство на преполнети гради

Кога бебето спие подолго од вообичаено, може да се разбудите со отечени, болни и тврди гради. Ова се случува затоа што млекото продолжува да се произведува според вообичаениот ритам.

Што можете да направите?

  • Ставете топол пешкир на градите пред подојот за млекото полесно да тргне.
  • Нежно масирајте ги градите од надворешниот дел кон брадавицата.
  • Измолзете малку млеко рачно или со пумпа пред подојот, бидејќи бебето полесно ја фаќа брадавицата кога градата не е премногу тврда.
  • Понудете му на бебето да цица бидејќи тоа е најдобриот начин да се испразнат градите.

4. Константно цицање

Понекогаш ќе ви се чини дека бебето цица постојано, што е особено изразено за време на скоковите во развојот. Во овие периоди бебето нагло расте, има зголемена потреба за храна и почесто бара да цица за да ги стимулира градите да произведуваат повеќе млеко.

Иако може да биде исцрпувачки, скоковите во развојот се привремени. Затоа, оставете го бебето да цица колку што сака за телото полесно да се приспособи на неговите потреби.

Доењето е патување исполнето со подеми и падови. Секогаш имајте на ум дека сите овие ситуации се нормален дел од секојдневието и не двоумете се да побарате поддршка од пријателки кои дојат или од патронажната сестра.

Извор

Поврзани написи

To top