Здравје

Како да му помогнете на дете алергично на полен

Алергијата на полен може значително да му го отежне секојдневието на детето, особено во пролетните и летните месеци. Постојано течење од носот, тешкотии со дишењето, чешање и солзење на очите, непријатни симптоми што можат сериозно да го нарушат квалитетот на живот. Алергологот и имунолог д-р Никита Головин дава конкретни совети како родителите можат да им помогнат на децата кои имаат алергија на полен и како да им ги ублажат тегобите.

Што претставува алергијата на полен?

Алергијата на полен се појавува кај 30 до 40 отсто од луѓето. Кај овие лица поленот предизвикува течење и затнување на носот, кашлица, чешање и солзење на очите, кивање, а во потешки случаи и отежнато дишење, па дури и симптоми на астма. Сепак, алергијата не е болест, туку реакција на имунолошкиот систем.

Како да се избегнат симптомите?

Д-р Головин советува родителите да следат информации за нивото на полен преку веб-страници и мобилни апликации. Најдобро е да се избегнува престој на отворено кога концентрацијата на полен е висока, особено во утринските и вечерните часови.

Совети за заштита и ублажување на симптомите:

  • Затворете ги прозорците особено наутро и навечер кога нивото на полен е највисоко;
  • Користете клима-уред со филтер кој ќе го прочистува воздухот во просториите;
  • Редовно чистете го домот, но избегнувајте силни хемикалии; тоа ќе помогне во отстранување на насобраниот полен.
  • Перете ја облеката и постелнината во топла вода за да се отстранат алергените.

Што ако симптомите не се повлекуваат?

Ако горенаведените мерки не даваат резултати, лекарот може да препише:

  • Антихистаминици;
  • Хормонски спрејови или капки за нос и очи;
  • Носни филтри што ја намалуваат количината на вдишан полен, но не влијаат врз симптомите на конјунктивитис.

Исто така, постои и специфична имунотерапија при која детето добива мали дози од алергенот пред сезоната на полен, со цел организмот постепено да се навикне и да се намали чувствителноста.

Задолжителна консултација со лекар

Д-р Головин потенцира дека само лекар може да постави точна дијагноза и да препише соодветна терапија. Самолекувањето е ризично бидејќи може да доведе до влошување на состојбата. Затоа, важно е да се следат препораките од специјалист и редовно да се прават контролни прегледи.

Извор

Поврзани написи

To top