Совети

Професорка по психологија: „Родители, не мора постојано да ги забавувате децата“

Иако звучи провокативно, пораката во текстот во еден од највлијателните светски весници е јасна: „Родители, во ред е да не бидете постојан извор на забава за вашите деца“.


Дарби Сексби, професорка по психологија на Универзитетот во Јужна Калифорнија, тврди дека современиот стил на родителство е исцрпувачки за возрасните, но и штетен за децата. Луѓето не еволуирале за да бидат постојани придружници, учители и забавувачи на своите деца. Низ историјата децата растеле во групи, опкружени со возрасни кои си го гледале својот живот, а не организирањето на детските активности.


Детскиот мозок не е создаден за постојана стимулација

Децата се раѓаат со вродена љубопитност. Јазикот го учат едноставно преку престојот со нас, а не преку предавања. На ист начин, кога им се дава простор да набљудуваат, да имитираат и да играат без надзор, тие учат како да делат, како да решаваат конфликти и како да се снаоѓаат. Тоа се вештини што не се пренесуваат со зборови – мора да се искусат.


Досадата не е непријател

Интересен дел од текстот е – дури и кога децата се со нас, не мора постојано да им угодуваме. Кога возрасните водат свои разговори, а детето мора да чека и да набљудува – тоа е всушност подарок. Истражувањата покажуваат дека мозокот кој „бесцелно талка“, всушност, интензивно работи на градење емпатија, имагинација и трпение.


Посетите кај бабите и тетките се скапоцено искуство

Многумина ќе се препознаат во ова: долгото седење кај некој постар роднина, слушањето разговори за луѓе што едвај ги познавате, чекањето во пошта додека мама заврши работа… Некогаш тоа го доживувавме како мачење, но излегува дека токму тие ситуации биле „училиште за животот“.


Децата имаат потреба од слобода, а не само од надзор

Идејата е едноставна: пуштете го детето само да отиде до продавница, нека направи палачинки или нека го истражи паркот без вас. Секојпат кога детето ќе направи нешто надвор од својата комфор-зона и надвор од вашата контрола – тоа расте. Тогаш сфаќа што сè може самото и станува личност која самостојно решава проблеми.


Што е пораката за нас?

Ова не е повик за запоставување на децата, туку повик да им веруваме. Да не правиме грешка мешајќи ја грижата со постојаното присуство. Детето на кое ќе му дозволиме само да се снајде, понекогаш да му биде здодевно, да чека и да набљудува – ќе има многу повеќе ресурси за животот во иднина. Понекогаш најкорисното нешто што можете да го направите за вашето дете е да продолжите да разговарате со пријателот, да си ја завршите својата работа и едноставно да го оставите само да си го исполни времето.

Извор

Поврзани написи

To top