Симона е долгогодишен член на танц-заедницата во Македонија и нејзините успеси кулминираат со многу награди. Сепак, тоа што ја води е еден сегмент во кој работи со млади и деца, тоа е нејзиното студио „Eat the beat”. Таа работи со сите возрасти, но кога малите влегуваат во нејзиниот свет, знае дека создава иднина заедно со нив. Разговаравме со неа за да дознаеме како успева во тоа

Многу соработувате со другите танц-студија, особено со Break a leg, кога работите со деца. Сепак, се разликувате во некои работи. Може ли да ни кажете кои се тие и што е тоа што ве спојува?

– Многу работи нѐ спојуваат, двете сме сопственички на танц-клубови, држиме часови со деца и млади, подготвуваме кореографии за домашни, меѓународни натпревари и светски првенства, ние сме и меѓународни лиценцирани судии. Што е најважно, го работиме тоа што го сакаме, а се разликуваме во стиловите на танц што ги негуваме. Јас сум посветена на латино и карипски танци, а Андријана на хип-хоп и балет.

Десетици деца доаѓаат во Вашето студио. Што е тоа што го учат, што добиваат со танцувањето?

– Придобивките од танцот за децата се безбројни, пред сѐ, подобрување на општиот раст и развој на децата, зголемување на флексибилноста и зајакнување на мускулатурата на телото, градење на моторичките способности, учење на ред и дисциплина, тимска работа и навремено зајакнување на индивидуалниот карактер, соочување со конкуренција, будење на натпреварувачкиот дух итн. Тоа го прави нивниот живот и карактер многу интересен и ги исполнува со енергија која ќе ги води во остварување на големи работи, како што се нивните понатамошни соништа.

Децата и младите се впуштаат во многу активности кога танцуваат. Со кои методи најмногу се развиваат?

– Пред сѐ, редовни тренинзи, минимум 3 пати неделно, правилно изведување на вежбите за загревање и истегнување, кои придонесуваат подоцна за правилно изведување на танц-движењата, концентрација и посветеност на часовите, учење по нешто ново на час, но и повторување за подобро надградување на танц-кореографиите. Секое дете треба да се труди секој нареден тренинг да биде подобро од претходниот, а истото важи и за натпреварите, тоа е клучот за напредок.

Со Андријана го подготвувате и четвртиот Dance off за ноември. Кои се предизвиците со кои најмногу се соочувате?

– Натпреварите се многу важни за нашите деца. Танцувањето пред публика, соочувањето со конкуренцијата на подиум и дружењето надвор од подиумот се голема мотивација за напредок во танцувањето. Малите истовремено се справуваат и со чувствата како е да се биде најдобар, како е да се биде победен, па и последен и како да се носат со секоја победа и пораз, предизвици кои се дел од секојдневниот живот. Dance off е натпревар кој носи предизвици, како од организациски така и од натпреварувачки аспект. Сите наши членови учествуваат на Dance Off, кој воедно и ни е прв натпревар во тековната сезона. Почетниците првпат се среќаваат со значењето на еден натпревар, и како е да си на подиум пред толку многу публика, додека поискусните поставуваат цели што ќе нѐ водат низ цела танц-сезона како да бидеме подобри секој нареден натпревар.

(Комерцијална објава)



912

X