Секое дете е посебна приказна, а семејствата што се соочуваат со предизвиците на различен невроразвој имаат потреба од заедница, поддршка и системски решенија. За мисијата, борбата за вистинска инклузија, поддршката за родителите и секојдневните предизвици во Битола, разговараме со претставниците на здружението „Невроразлични“.

Самиот назив „Невроразлични“ испраќа силна и современа порака за прифаќање. Која е главната мисија на здружението и како ги поддржувате децата, младите и нивните родители во Битола?
Нашата визија е да обезбедиме инклузија во сите сфери на нашето општество. Додека нашата мисија е поттикнување и поддршка на јавните институции да им даваат еднаков третман на лицата со невроразличност, да не им ги скратуваат нивните права и да се доследни во нивните заложби за создавање инклузивно образование почнувајќи од градинка, основно и средно училиште во нашиот град. Тоа подразбира и обезбедување постојани и навремени медицински и педагошки третмани, како и сè што е зацртано и им следува на овие лица согласно законите на нашата држава.

Доста сте активни со организација на настани, средби и активности. Колку успевате да создадете сигурен простор каде што родителите можат да се поддржат, да разменат искуства и заедно да ги надминуваат предизвиците?
Преку организација на настани, средби и активности сакаме да ја покренеме свесноста во нашиот град за децата и лицата со попреченост, како и да ги охрабриме сите семејства што имаат деца со различен невроразвој или каква било попреченост дека не се сами и заедно сме посилни во остварувањето на нашата мисија. Со меѓусебна поддршка многу е полесно да се надминат предизвиците, а воедно и преку настани да се едуцираат самите родители, стручни лица, како и секој поединец што сака да научи нешто повеќе за невроразличните затоа што нема исто дете со иста дијагноза, секој аутист е приказна за себе.

Со кои најголеми предизвици се соочуваат невроразличните лица во Битола, било да е тоа во образованието, јавните простори или секојдневниот социјален живот и што мора итно да се подобри?
Во Битола, за жал, се соочуваме со многу предизвици. Мал дел од нив успеавме да ги реализираме со помош на градските институции, како што е доаѓање на детски невролог, ослободување на паркинг-место, еднократна помош за логопедски и дефектолошки услуги, но за голем дел останува да се бориме, како што се стоматолошките услуги кои сè уште ги немаме, соодветен дневен центар за лицата со невроразличност, навремено регулирање на образовни асистенти, како и обезбедување лични асистенти за сите лица со дијагнози што имаат потреба, ресурсен центар за средно образование, спортски објект опремен со соодветна опрема за сите тешкотии… А пред сè, најпотребни ни се законски измени во однос на здравство, труд и социјала, како и образование и да престане дискриминацијата на аутистите, да влезат во Законот за лица со попреченост.

За сите оние семејства на кои им е потребна помош или за сограѓаните кои сакаат да ја поддржат вашата работа, како можат да станат дел од „Невроразлични“ или да ви помогнат?
Нашето здружение „Невроразлични“ е отворено за соработка со сите родители што сакаат да ја поддржат нашата активност и борба за олеснување на нашиот пат како родители и подобрување на животот на нашите деца, затоа што тие денес се деца, но по неколку години ќе бидат возрасни луѓе. Отворени сме за соработка и за секоја установа, стручни лица, општествено одговорни компании кои сакаат да придонесат и да им го олеснат животот на семејствата и децата со невроразличност.

Што планирате во претстојниот период?
Следна организација од нашето здружение е предавање и трибина на проф. д-р Владимир Трајковски на тема „Рана интервенција“, една од најболните точки за нас, родителите, моментот на прифаќање на дијагнозата. Наредно, во фаза е опремување на инклузивна соба во OОУ „Климент Охридски“ – Битола. Иако имавме плодна година како здружение, нема да застанеме со барањата за подобро утре на нашите деца и остварување на нашите и нивните права.