ПРАШАЊЕ: Имам ќерка тинејџерка од 14 години. Многу лаже и пуши цигари и вејп. Цело време ни укажува мене и на татко ѝ дека не сме знаеле да разговараме со неа. Пробуваме на сите начини да ѝ се доближиме. Јас имам анксиозност и депресија долги години и примам терапија. Кога го проверував нејзиниот телефон, наидов на пораки кои многу ме здоболеа, како да ме мрази од дното на душата. Уште повеќе ме загрижува што минатата есен неколку пати се повредувала, се сечела на рацете со ноже од машинка за моливи. Вели дека сега е добро и одбива да оди на терапија или психијатар. Дајте ми совет ве молам.
ОДГОВОР: Во оваа развојна фаза детето е во процес на градење на сопствениот идентитет, одделен од родителите. Тоа природно носи потреба за повеќе самостојност, приватност и дистанца, а често и силен отпор кон родителската контрола и блискост. Но, тоа не значи дека родителот повеќе не му е потребен, туку треба да се смени начинот на одржување на односот. Родителот треба повторно да го запознава своето дете, овој пат како млад човек кој постепено станува своја личност.
На оваа возраст децата се како „спортски автомобил без целосно развиени сопирачки“. Емоциите и импулсите доаѓаат со голема сила, додека способноста да ги регулираат и рационално да ги контролираат сè уште е во развој. Затоа се појавуваат нагли промени во расположението, импулсивност и привлечност кон ризично однесување. И самите тинејџери често не разбираат зошто чувствуваат толку интензивно.
Адолесценцијата е и период на втора индивидуализација каде што детето психолошки мора да се оддели од родителите за да изгради сопствен идентитет. Тој процес може да изгледа како одбивање, критика, па дури и непријателство кон родителите, кои всушност сè уште длабоко ги сака и од кои има потреба. Детето мора да се оддалечи за постепено да може да се врати како посамостојна личност.
Затоа, кога има премногу контрола, проверување и испрашување, отпорот најчесто станува уште поголем.
Не случајно споменавте дека веќе подолго време се борите со анксиозноста и депресијата, па може да се случи вашиот голем страв и несигурност несвесно да се пренесат во односот со вашето дете, преку поголема потреба да знаете, да проверувате, да предупредувате, да спречувате и да го заштити детето од секој ризик. Меѓутоа, детето тогаш може да почне да ја доживува родителската грижа како притисок, контрола или недоверба. И така постепено може да се создаде однос во кој се обидувате сè повеќе да се приближите затоа што се плашите дека го губите детето, а детето сè повеќе да се оддалечува затоа што се чувствува премногу притиснато. Во таквиот однос не е необично тинејџерот да дојде до точка во која ќе каже: „Не знаете да разговарате со мене“ или дури „Те мразам“. Чувството на детето во тој момент е вистинско, но неговото изразување може да биде многу поапсолутно од она што детето навистина го чувствува во целина.
Самоповредувањето, од друга страна, може да биде знак дека детето нема доволно развиени здрави алатки за регулирање на интензивните емоции кои доаѓаат со оваа фаза и наместо тоа, посегнува кон физичка болка како начин привремено да ја „ослободи“ внатрешната преплавеност.
Потрудете се да не ја „поправате“, туку повторно да изградите простор во кој таа ќе може да биде блиску до вас без секој разговор да се претвора во испрашување, советување или конфликт. Не доживувајте ги исказите толку многу лично. Разговарајте во секојдневни моменти, додека возите, готвите, шетате, гледате серија или едноставно сте заедно. Покажете интерес за она што таа го сака.
Бидејќи таа сега ви кажува дека е добро и дека повеќе не се повредува, обидете се да не ја испрашувате или постојано да барате уверување дека „сè е во ред“. Наместо тоа, можете да кажете: „Мило ми е што сега се чувствуваш подобро. Ако некогаш повторно ти стане премногу тешко, сакам да знаеш дека можеш да ми кажеш, дури и ако не знаеш како да го објасниш тоа.“ Прашајте ја и што ѝ помага кога е преплавена со силните емоции и заедно размислете за други начини на кои може да ги изрази и издржи тие чувства.
Исто така, не мора секоја лага, телефон, цигара или конфликт веднаш да стане нова битка. Границите се важни, но изберете што навистина е приоритет. На детето му треба да почувствува дека родителот не е само оној што контролира и коригира, туку и оној кај кого може да се врати.
Кога вели: „Не знаете да разговарате со мене“, наместо да го доживеете тоа како напад и да имате потреба да се браните, можете да кажете: „Можно е да не сме знаеле секогаш. Но сакам сега да научам.“
Што се однесува до стручната помош, обидете се да не ја претставувате како „нешто не е во ред со неа“. Можете да кажете: „Сакам да имаш некој со кој можеш да зборуваш за работи за кои можеби не сакаш или не можеш да зборуваш со нас.“ Дајте ѝ чувство на избор, кој терапевт би ѝ одговарал, жена или маж, онлајн или во живо, што ѝ е поприфатливо. И бидете трпеливи. Нејзиното прво „не“ не мора да биде конечен одговор.
Во адолесценцијата детето не се освојува со поголема контрола. Се задржува со присутност, стабилност, слушање и со јасни граници. Не треба да знаете сè што се случува во неа. Важно е таа да знае дека кога нешто ќе стане премногу тешко, сè уште може да дојде кај вас.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova