Игротека

Што да се прави кога децата тешко разликуваат „лево“ од „десно“?

Да се следат инструкциите при патување, да се трча на вистинската страна во спортски натпревар или при свртување со велосипед – сето ова може да биде тешко ако не знаете точно каде е лево, а каде десно. Како децата ја учат разликата и како да се надмине проблемот со заменување на страните кои многумина го имаат и на возрасна доба.

Разликувањето на лево и десно е вештина која децата ја учат со текот на времето. Но, не ја совладуваат сите – дури 20 до 30 отсто возрасни лица имаат проблем со страните без оглед дали ги заменуваат или секогаш мора накратко да размислат за да ги именуваат. Со мала упорност, тој проблем може да се ублажи уште во детството.

Зошто некои деца имаат таков проблем?

Еволуцискиот педагог Андрес Андерер смета дека проблемот со заменување на страните најчесто настанува во раниот развој на детето. Ако одредени движења и чекори, како ползењето, држењето и нишањето во рацете на родителите, тркалањето по подот, покажувањето и дофаќањето, седнувањето и станувањето, проодувањето…, не се извежбаат или не се искусат во доволна мера, тоа негативно се одразува врз способноста за просторна ориентација, односно на разликувањето лево од десно.

Проблемот со одредувањето на страните главно е безопасен и на таквите деца им треба само стотинка подолго од другите да ја одредат страната. Но, понекогаш овој проблем е еден од знаците на АДХД.

Понекогаш се јавува заедно и со проблемот на легастенијата, кај која детето тешко го поврзува звукот на буквата со нејзиниот графички знак. Некои деца што имаат проблем со лево/десно, пишуваат со двете раце и не се потпираат само на една, имаат проблем со концентрацијата и сметањето или со разбирањето на прочитаните текстови.

Јасно е дека проблемот со лошото разликување на страните лево/десно треба да се разгледа во севкупниот контекст со другите симптоми пред да се донесат какви било посериозни заклучоци.

Вака се учи лево/десно

Вежби низ движење

На детето со ваков проблем може да му се помогне со вежби при кои се движи, телесно го истражува просторот и ги зацврстува поимите горе-долу, напред-назад, лево-десно… Користете ги и изговарајте ги додека детето се движи или кога сакате да го анимирате на движење. Можете да ги правите и овие вежби:

* Додека стоите, левата рака свиткајте ја во лакотот и со него допрете го коленото на десната нога.
* Додека стоите, подигајте ја левата рака настрана кон горе, а од другата страна, на ист начин подигајте ја десната нога. Заменете ги страните.
* Кога учите да поминувате преку пат, секогаш повторувајте му на детето дека прво треба да погледне налево, па надесно.
* Одете на четири нозе, што исто така го развива просторното размислување.

Вежбајте низ игра

* Барање: „Што гледаш десно од дрвото?“ „Каде стои шолјата – лево или десно од чинијата?“
* Колаж: дајте му на детето стари весници и задача да ги исече сите десни чевли и да ги залепи на една хартија. За секој точен чевел добива еден бод. Понекогаш е проблем за детето што истовремено му ги објаснуваме и едната и другата страна. Затоа, обидете се барем неколку дена да ја вежбате само едната, на пример, левата страна, а потоа преминете на десната.
* Белезица: ставете му на детето белезица на левата рака и често прашувајте го на која рака му е белезицата.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top