Од 10-годишна возраст знаев дека ќе бидам специјален едукатор – рехабилитатор. Девојчето со попреченост кое секое лето го гледав и се дружевме во Охрид, каде што одевме на летување со моите родители, ме инспирира да ја одберам мојата професија, вели Крстиќ

Христина Христовска

Марина Крстиќ од Битола е специјален едукатор и рехабилитатор за деца со пречки во развојот. Нејзиното 20-годишно искуство со деца ѝ овозможило да ја напише книгата „Секое дете може да учи“, чија содржина е со едукативни активности и конкретни вежби за стимулација. Таа е член на Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори и член на Институционалниот одбор на социјални установи при Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори во Македонија. Иницијатор и е член на тимот кој првпат во земјава воведе сензорна соба во Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост во Битола и воспостави погранична соработка со KEKYKAMEA – тренинг-центар за социјална поддршка и обука на луѓе со попреченост од Лерин, соседна Грција. Целта била да го пренесе нејзиното практично искуство – воведување електро-акупунктура како иновативен третман кај лицата со телесна инвалидност. Во интервјуто за Деца.мк таа сподели од каде потекнува идејата за книгата, за своето искуство со децата, за соработката и предизвиците со кои се соочува.

Да ги гледаме можностите, а не попреченостa

Книгата произлезе од моето долгогодишно професионално искуство и од проблемите со кои се соочуваме при работата со децата со пречки во развојот, односно недостигот на литература од овој тип на македонски јазик која ќе биде изработена по принципите и методиките за работа со деца со попреченост. Некако идејата произлезе од самата работа со децата/лицата со попреченост, која е пред сѐ хумана, благородна професија и секојдневно претставува еден голем предизвик. Секое дете со попреченост е индивидуа за себе и секое има потреба од индивидуален третман според неговите можности и способности. Постојат две работи што ме водат кога работам со децата со попреченост, а тоа се: ,,Да ги гледаме можностите, а не попреченоста“ и ,,Сите деца се исти и кога се различни“.
Таа раскажува дека во нејзината долгогодишна професионална работа имала и позитивни и негативни искуства. Според неа, најважно во работата со овие деца/лица се: пристапот, раната дијагностика, добрата процена, раниот третман, психомоторната реедукација, едукацијата и соработката со родителите.

Соработката со родителите е неопходна за успех

Кога велам соработката со родителите, вели Крстиќ, мислам на интензивното и активно вклучување на родителите во целиот процес на рехабилитација и едукација на детето со попреченост. Од мојата практика можам да кажам дека поголеми успеси сум постигнувала кај деца со попреченост чии родители максимално учествувале во процесот на рехабилитација и едукација отколку кај деца чии родители не соработувале и не биле вклучени или не ја прифаќале реалната состојба на нивното дете. За да бидеш успешен специјален едукатор и рехабилитатор, пред сѐ, треба многу да ја сакаш оваа професија, да бидеш смирена и стабилна личност, личност која не така лесно ја фаќа паника, треба да си алтруист. Бенефитот е што нема подобро чувство од чувството на среќа и задоволство што некому си помогнал, т.е. си отстранил, намалил пречка или тешкотија и со тоа си го олеснил секојдневното функционирање кое пред тоа било многу потешко.

Најважни се раната дијагностика, добрата процена и раниот третман

За искуството со децата и што е најголемиот предизвик во работата со нив, Крстиќ нагласува дека најважни се раната дијагностика, добрата процена, психомоторната реедукација и раниот третман.

– Целата професионална кариера ја посветив на сѐ што отстапува од просечното (деца со пречки во развојот и надарени и талентирани деца). Уште од мојата 10-годишна возраст знаев дека професија ќе ми биде специјален едукатор-рехабилитатор. Девојчето со попреченост кое секое лето го гледав и се дружевме во Охрид, каде што одевме на летување со моите родители ме инспирира да ја одберам мојата професија. На таа возраст развив поинаков пристап кон овие деца и бев многу заинтересирана за нив, наспроти другите. Не ја гледав со сожалување, ја анализирав, го гледав нејзиното однесување, движења, нејзините знаења, нејзините проблеми, тешкотиите со кои се соочуваа нејзините родители и некако почувствував дека можам и сакам да им помогнам на овие деца и нивните родители. Станав специјален едукатор и рехабилитатор токму од таа желба да му помогнам на некој на кој помошта му е потребна, а тоа потоа ме поттикна да издадам книга за деца со пречки во развојот, која првенствено е најкорисна за нив, но е од голема помош и за родителите, наставниците, воспитувачите, стручните работници, студентите, заради унапредување и подобрување на процесот на едукација и рехабилитација на овие деца.

Радоста поради држењето молив и првиот изговорен збор

За предизвиците што ги носи професијата, Марина Крстиќ, инаку вработена во Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченот во Битола, раскажува:

– Се сеќавам колку бев радосна кога успеав да научам едно девојче правилно да држи молив, а претходно тоа изгледало невозможно бидејќи девојчето имаше парези, спазми и контрактури на горните екстремитети. Исто така, радоста на првиот изговорен збор кај дете со неразвиен говор, по една година интензивни третмани.

Оваа едукаторка, инаку магистер по образование на надарени и талентирани деца, како најголеми предизвици во работата ги набројува: напредокот на децата со кои работи (за кои вложува многу труд) и колку што може повеќе да придонесе за унапредување на процесот на рехабилитација, едукација, третман и вработување на лицата со пречки во развојот, односно подобро утре на овие лица и нивните семејства. Токму затоа таа доста вложува во научноистражувачката работа, реализација на проекти, обезбедување донации, воведување нови методи на работа итн.
Предизвиците се многу и секојдневни, но се трудам да ги спроведувам и реализирам, а и сега во овој момент имаме остварено соработка со НВО од Австрија со која планираме да реализираме повеќе проекти од областа на социјалната заштита и третман на лицата со попреченост, вели таа.

Околу вежбите што се користат и најмногу помагаат во процесите на рехабилитација, како и за тоа со какви видови рехабилитација се занимава, Марина Крстиќ се навраќа на книгата посветена на овие деца во која има едукативни активности и конкретни вежби за стимулација за 10 области, и тоа: фина моторика и линеација, букви, броеви, бои, форми, сетила, делови на тело, емоции, прибор за јадење и лична хигиена, плус прилози за значењето на областите за развојот на детето.

Фото: приватна архива



912

X