Родители-мобилни телефони-деца, тоа знае да биде прилично тежок триаголник, а прашање е дали и кога треба да му се дозволи на детето да користи мобилен телефон. Тука е и дополнителната мака: како да го користи?

Да, јас сум мајка чие дете последно во одделението доби мобилен телефон и тоа тогаш кога тој факт почна да го исклучува од сите важни случувања, договори за дружење, родендени… Не затоа што мислам дека тој апарат ќе ѝ направи нешто лошо, ќе ѝ го уништи животот и нешто слично, туку затоа што знам дека со мобилниот телефон ќе стане многу потешко. Ќе се тераме да учиме, да излегуваме надвор, гледањето на екранот од телефонот ќе го замени гледањето на омилената серија, јас ќе држам лекции, таа ќе негодува и знам кога еднаш ќе заплови во тој свет, нема назад. И знам дека секој адолесцент пред да легне в кревет се допишува со друштвото на вајбер-групи наместо да излезе со мајка си на прошетка. А тие групи се посебна приказна. Исти деца во пет различни групи, во една две другарки, во друга три, четири, во една само момчиња и едно привилегирано девојче, кој на кого му е најдобар пријател, кој на кого не му е, зошто не е, зошто е..

Тоа секој ден се менува.

Или јас ништо не сфаќам или сум заборавила. Она кога се сакаат, се сакаат најмногу на свет, а кога ќе се искараат, се отфрлаат од истите тие групи. Тоа му доаѓа како некој показател колку си омилен во класот.

И направивме договор, одвреме-навреме претпладне, еден час попладне, плафон. Колку време ќе поминеш на телефон, исто толку ќе поминеш надвор, на тренинг, на велосипед, во читање книги.

Потоа друштвените мрежи, сакаш, може, нема проблем, но сите профили ти се заклучени, прифаќаш само избрани пријатели, следиш само кога јас ќе кажам дека може, а тука сум и јас, следам што правиш. Но, не сака таа на оние мрежи на кои се родителите. „Фејсбук“ и „Инстаграм“, каде што ние најчесто трошиме време, за нив се минато. Тие снимаат клипови за на „Јутјуб“, „Тик-ток“, „Мјузикл“. Пеат, глумат, имитираат, измислуваат приказни, дури и мене ми е забавно да ги гледам.

Морам да признам дека постои и една работа што е добра во сето тоа – секогаш сум во тек. Сето она што таа ќе ми го премолчи, јас го дознавам. Таа, се разбира, не го знае го. Кога ќе заспие, јас го земам телефонот, читам, ќе прегледам што има, одам во историја да видам што пребарувала и главно сум задоволна од тоа што го гледам. Тоа ми е одлична можност да ја запознаам од агол кој не е на релацијата мајка-ќерка. Единствен проблем е кога заради нешто можеби малку ќе се загрижам, а тоа не можам да ѝ го кажам.

Автор: Сандра Суботин Чубанин



912

X