Рано во својата кариера како невролог, Алисон Макеј почнала да размислува за катниците – како истражувач кој изучува развој на мозокот, сакала да знае дали кога тие заби ќе пристигнат, тоа значи рано созревање на децата.
„Долго бев загрижена дека ако децата растат пребрзо, нивните мозоци ќе созреат пребрзо и ќе ја изгубат пластичноста на рана возраст. Потоа ќе одат на училиште и ќе имаат проблем да научат на исто ниво како своите врсници“, вели Макеј, асистент професор во одделот за психологија во „Пен“. „Се разбира, не секое дете што искусува стрес ќе го покаже овој образец на забрзан развој“. Она што може да помогне е објективниот начин – физичка манифестација од некој вид, за да индицира како децата реагираат на стресот во својот свет. Избивањето на првите трајни катници го докажува токму тоа.
Макеј и студентот на докторски науки Кесиди Мекдермот на школата „Пен“ за дентална медицина покажуваат дека децата од посиромашни семејства и оние што минуваат низ различни детски искуства ги добиваат своите први катници порано. Откритијата, генерирани главно од помала студија, се изедначуваат со образец на зголемен развој, кој често се гледа во ситуации на стрес во рана фаза од животот. „Навистина е важно да разбереме како да ја детектираме раната созреаност што е можно побрзо. Сега се потпираме на моментите кога децата влегуваат во пубертет, што може да е веќе доцна за некои значајни интервенции. Ако ја согледаме напредната зрелост кај децата порано, можеби ќе можеме да се насочиме кон поголеми интервенции во однос на ресурсите кај нив“.
Лабораториските студии на Макеј зборуваат за тоа како мозокот се менува и расте како што луѓето учат. Утврдено е дека стресот за време на детството го забрзува созревањето, а децата што влегуваат во пубертет порано се изложени на поголем ризик од проблеми и за физичкото и за менталното здравје. Во студии за примарните видови, избивањето на катниците било користено за да се измери должината на детството и е во корелација со бројката на другите развојни настани. Слично, за луѓето, тајмингот на денталните настани често игра улога во одредувањето на биолошката возраст.
Помогнало тоа што повеќе од 100 деца, на возраст од 4 до 7, учествувале во две студии кои вклучувале структурни и функционални МРИ-скенови. „Има снимање со кое може да се визуализира морфологијата на забот“, вели Мекдермот. Снимките – вообичаено користени за да се прегледа мозокот, покажале колку всушност биле блиску катниците до избивање на површината. Откако Макеј и Мекдермот го сфатиле ова, тие се здружиле со Кетрин Хилтон, студент на „Пент“ – дентална медицина и Муралидар Мупарапу, професор во Одделот за орална медицина, кој развил нова скала за прецизно одредување на позицијата на секој заб. „Скалата се движи од 1 до 4. На долниот крај е 1, што е пред забот целосно да се развие. Како што тече процесот, има средишни фази, а највисоката оцена – 4 е кога забот е целосен во устата и паралелен со другите заби“. Контролирајќи фактори како возраст и род, истражувачите барале поврзаност помеѓу раната средина во која живеат децата и избивањето на катниците. „Она што го откривме е дека приходите и различните детски искуства се индивидуално поврзани со статусот на избиените катници“, истакнува Мекдермот.
Овие откритија се произлезени од само 117 учесници, па иако корелацијата е јасна, Макеј и Мекдермот се надеваат дека го реплицираат она што го виделе. Добиле информација за голема база на податоци од поголема популација, која е јавно достапна и вклучува дентални, демографски податоци и семејни приходи, меѓу другото. „Бидејќи нашите примероци се од еден мал град, сметаме дека имаме можност да ги верификуваме откритијата ако истражуваме и малку пошироко“, вели Мекдермот.

Сè уште има многу непознати, како и податоци кои допрва треба да се испитуваат – вели Макеј. На пример, има податок дека првите катници побрзо избиваат кај црните деца отколку кај белите. „Овие разлики во расата и поврзаноста со избивањето на забите се познати подолго време, но сега треба да се согледа од каде произлегува тоа. Можеби тоа е поврзано со повисоките нивоа на доживеан стрес поради структурен расизам. Ова е јасна индикација дека не е само шпекулација оти искуствата со расизмот предизвикуваат стрес и рано стареење. Тоа се ефекти врз деца кои не смееме да ги игнорираме“.
За сите деца, пак, времето поминато во пандемија е дополнителен стрес-фактор, па затоа е уште поважно да се разберат недоумиците околу раното созревање, вели Макеј. Сепак, таа и Мекдермот потенцираат дека тајмингот на избивањето на забите не треба да стане уште еден од родителските стравови. „Родителите не треба да се грижат само врз основа на тоа што нивните деца ги добиле катниците – сè уште немаме доволно податоци за тоа“. Истражувачите во „Пен“ продолжуваат да работат на оваа тематика – во иднина се надеваат дека ќе соработуваат со повеќе дентални експерти за да ги решат дилемите. „Ако е ова значајно откритие, би сакала повеќе научници да се вклучат и да ги тестираме овие хипотези“, заклучува Макеј.