Здравје

Како да се исфрли густиот секрет од горните дишни патишта кај децата?

Проблемите со затнат нос и наталожен секрет се меѓу најчестите причини за посета на педијатар. Без разлика дали причинител е вирусна инфекција или алергија, густиот и леплив секрет му го отежнува дишењето на детето, му го нарушува сонот и може да доведе до дополнителни компликации.


Зошто се појавува секретот и кои се ризиците?

  1. Вирусни инфекции се најчести предизвикувачи во детската возраст. Бидејќи кај децата сè уште нема вкрстен имунитет за различните вируси, нивното носе често тече.
  2. Алергиски ринитис: Ако носето тече, чеша или пече, детето постојано кива, а нема покачена телесна температура, постои основан сомнеж за алергија. Симптомите можат да бидат сезонски или присутни во текот на целата година.

Ризик од болка во увото: Кога во носот ќе се наталожи голема количина секрет, често доаѓа до притисок во средното уво и појава на болка. Оваа болка не мора секогаш да значи дека веднаш има развиено ушна инфекција, туку е резултат на затнатост. Со чистење на носот и елиминација на секретот, веднаш се намалува притисокот и болката се смирува.


Прва линија на одбрана: правилно чистење

За да се олесни движењето на секретот и да се спречи развој на бактерии, треба да се користат:

  • Раствори од прочистена морска вода: наменети за редовно плакнење и хидратација на слузницата.
  • Назални спрејови (деконгестиви): помагаат за брзо одзатнување на носот и намалување на отокот, но нивната употреба треба да биде ограничена на неколку дена и исклучиво по препорака на лекар.

Големата грешка со антибиотиците

Кога родителите ќе забележат густ, жолт или зелен секрет, често ги фаќа паника и бараат или вклучуваат антибиотик на своја рака.

Важно правило: Густиот и обоен секрет НЕ Е автоматски знак за бактериска инфекција и не е причина веднаш да се почне со антибиотик. Антибиотиците дејствуваат само против бактерии, тие сами по себе не го разводенуваат и не го чистат секретот. Нивна употреба е оправдана само доколку педијатарот со преглед ја потврди бактериската дијагноза.


Најважниот чекор при затнато носе е упорноста со хигиената и правилниот избор на средства кои го олеснуваат дишењето. Пред да воведете каков било нов препарат или ако детето се жали на долготрајна затнатост и болка, секогаш консултирајте се со вашиот педијатар за правилно дозирање и третман приспособен на возраста.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top