однесување Прашај психолог

Трето одделение е, а не зборува, испушта крици и едвај името го пишува…

 

ПРАШАЊЕ: Почитувани, се работи за дете кое е во трето одделение, меѓутоа, не зборува. Не може да состави ни реченица. Наместо зборови, користи крици, звуци… Ме интересира кои се последиците доколку се занемарува оваа ситуација, како што се занемарува досега. Пишувањето исто така не е совладано, едвај го пишува своето име. 

ОДГОВОР: Не знам во каков однос сте со детето за кое пишувате, дали сте родител, роднина, наставник или некој што е во близок контакт со него, но од она што го опишувате, станува збор за детенце кое има сериозни тешкотии во говорно-јазичниот развој и комуникацијата, а со оглед на возраста и фактот дека е веќе во трето одделение, ова е состојба која бара навремено и сериозно внимание.

На оваа возраст децата вообичаено веќе комуницираат со реченици, ги изразуваат своите потреби, чувства и мисли, а постепено ги совладуваат и вештините за читање и пишување. Кога детето наместо зборови користи крици и звуци, а истовремено има значителни тешкотии и во пишувањето, тоа укажува дека му е потребна дополнителна стручна процена и поддршка.

Доколку ваквата состојба подолго време се занемарува, последиците можат да се одразат не само врз учењето, туку и врз самодовербата, социјалните односи и емоционалниот развој на детето. Кога детето не може да се изрази на начин кој е разбирлив за околината, често се појавуваат фрустрација, повлекување, несигурност или тешкотии во односите со врсниците.

Затоа е важно што поскоро да се направи сеопфатна процена. Би препорачала што поскоро консултација со педијатар, логопед, дефектолог, со цел да се добие појасна слика за развојот на детето и да се креира соодветен план за поддршка.

Никогаш не е доцна да се помогне, раната интервенција е многу важна, колку порано се започне со соодветна поддршка, толку се поголеми можностите за напредок и подобрување на секојдневно функционирање на детето.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top