однесување Прашај психолог

Има шест години, а залепена е за мене, не можам да излезам од дома зашто плаче и вреска. Што да направам?

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 6 години и уште од бебе ја оставав да ја чуваат баби, тетки и немаше никаков проблем. Но како што расте, не сака да се оддели од мене.  Во градинка оди без проблем, но кога сме дома, ако треба да излезам, а таа да остане со баба ѝ, нема шанси да остане, стои до мене и не ме пушта, плаче и вреска. Пробав да ѝ објаснам дека ќе одам на работа, а таа ќе поседи со баба ѝ дома, но потоа цело време беше како залепена до мене, не сакаше да остане. Како да ѝ објаснам дека не може да оди секаде со мене? Инаку, по карактер е голем инает и тврдоглава, што би се рекло, си тера само по свое.

ОДГОВОР: Разбирам колку е исцрпувачка оваа ситуација и колку ве заморува. На возраста на која е вашето девојче, децата се наоѓаат во една важна фаза на развојот каде што ја зацврстуваат својата индивидуалност и независност. Тие почнуваат да ги разбираат социјалните правила, да развиваат покомплексни пријателства и да имаат побогат внатрешен свет. Меѓутоа, со оваа растечката независност, често доаѓа и до зголемена свесност за одвојувањето од примарниот старател, а тоа е најчесто мајката. Иако како бебе немало проблем, со растењето и развојот на когнитивните способности, детето почнува да ги обработува искуствата на поинаков начин. Можно е да се појави страв од напуштање (сепарациона анксиозност), страв дека нема да се вратите или, пак, потреба да се увери во вашата безусловна љубов и присуство.

Би било добро да се обидете да разберете што стои зад ова однесување. Целта не е само плачењето да престане, туку да се разбере што чувствува детето и што се обидува да ви каже преку тоа. Размислете и за тоа дали постои некоја промена во нејзиниот живот (дури и мала, која вам не ви изгледа значајна) што ја поттикнала оваа реакција, поради нејзината потреба за сигурност која сега е поизразена.

Наместо да ги отфрлате нејзините чувства, обидете се да ги разберете, рефлектирате и валидирате. Кажете: „Гледам дека ти е тешко кога треба да се разделиме“ или „Разбирам дека сакаш да бидам со тебе“. Кога ќе каже „Не сакам да одиш“, можете да одговорите: „Знам, тажна си што заминувам. И јас ќе мислам на тебе.“ Објаснете ѝ однапред кога и каде одите, и кога ќе се вратите. Бидете конкретни (на пр., „Ќе се вратам откако ќе ручаш со баба“) и бидете доследни, бидејќи таа доследност кај детето ја гради довербата. Разговарајте за тоа што ќе правите додека сте отсутни и што ќе прави таа. Можете да ѝ кажете: „Кога ќе бидам на работа, ќе мислам на тебе и на тоа како си играш со баба или со другарките таму.“

Воспоставете краток, но топол ритуал на збогување. Тоа може да биде прегратка, бакнеж и ветување дека ќе се вратите. Немојте да се криете или да одите „како да ве снема“, тоа повеќе ќе ја вознемири. Подобро е да се соочите со разделбата отворено, иако е тешко и плаче. Понудете ѝ нешто што ќе ја потсетува на вас додека сте отсутни, омилена играчка, некој ваш предмет, парфем или фотографија, нешто што ќе и дава сигурност. Поразговарајте со бабите кога ја оставате да може веднаш да ја пренасочат кон некоја активност, да знаат како да ја утешат и смират. Започнете со кратки одвојувања и постепено зголемувајте го времето. Со тоа таа ќе се навикнува и ќе стекнува искуство дека секогаш се враќате.

Од друга страна, за да се изгради внатрешната сигурност кај детето, особено во контекст на одвојувањето, од вас се бара посветеност на квалитетно време кое ќе го поминувате заедно. Издвојте барем 15-20 минути дневно (или повеќе, ако е можно) каде што целото ваше внимание ќе биде насочено кон неа. Тоа значи без телефони, телевизор или други обврски. Шетајте, играјте ја нејзината омилена игра, читајте приказна, цртајте заедно, разговарајте за нејзиниот ден. Слушајте активно, поставувајте прашања и покажете искрен интерес за нејзините мисли и чувства. Дозволете ѝ да избере активност за да се чувствува ценето и дека контролира дел од своето искуство, за да се зајакнува нејзината самодоверба. Дури и едноставни активности како готвење заедно, прошетка во парк или средување на собата можат да бидат квалитетно време ако сте целосно присутни.

Фокусирајте се на градење емоционална поврзаност. Кога е тажна, утешете ја, кога е среќна, споделете ја нејзината радост. Бидете нејзината сигурна база.

Ова однесување е само фаза, со разбирање и доследност, вашето девојче ќе научи да се справува со одвојувањето. Ако ситуацијата продолжи да биде многу интензивна или значително влијае врз нејзиното функционирање, би било добро да се обратите за помош за подлабоко истражување на причините и поддршка за вас и вашето дете.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете разговор и советување на:  sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top