Сите знаеме дека плацентата мора темелно да се прегледа по породувањето за да се потврди дека излегла цела и дека ниту еден нејзин дел не останал во матката. Но, дали знаете дека тоа не е единствената причина за нејзиниот детален преглед?
Од плацентата лекарот може да заклучи многу нешта – за здравјето на мајката и на бебето, за зрелоста на бременоста, како и за евентуални згрутчувања на крвта или инфекции. Вообичаено, таа има дијаметар од околу 22 см, дебелина од 2 до 2,5 см и тежи околу 500 грама.
Што сè открива прегледот на плацентата?
Доколку бебето имало одредени компликации за време на бременоста, како што се застој во растот или знаци на инфекција, плацентата се испраќа на дополнителни лабораториски и патохистолошки анализи за да се открие точната причина за проблемот.
Женското тело ја исфрла плацентата последна, најчесто веднаш по раѓањето на бебето (ова се нарекува трета фаза од породувањето), а најдоцна околу половина час по бебето. При пораѓање со царски рез, таа исто така се вади последна и внимателно се прегледува пред да се зашие матката.
Мајчинска страна на плацентата
Ова е делот со кој плацентата била споена за ѕидот на матката. Оваа страна е поделена на карактеристични лобуси (чешниња) кои посебно се прегледуваат за да се осигури дека ниту едно парче не се одвоило и не останало внатре. Исто така, во овој дел се следи и степенот на калцификација, кој е природен показател за стареењето на плацентата.
Детска страна на плацентата
Страната каде што престојувало бебето е многу помека и мазна. Најважниот дел за преглед тука е местото каде што папочната врвца се спојува со плацентата. Кај уредна бременост, папочната врвца е споена точно на средината, а не настрана или на обвивките.
Папочна врвца – совршена врска со бебето
Медицинскиот тим детално ја проверува папочната врвца и ги брои нејзините крвни садови. Нормалната папочна врвца содржи две артерии и една вена, долга е 55–60 см и има дијаметар од околу 2 см.
Интересно е како природата совршено ја одредила нејзината должина. Таа е доволно долга за да овозможи бебето да се стави на градите на мајката и да го започне првиот подој додека сè уште е споено со плацентата. Овој прв контакт и доење го поттикнуваат лачењето на хормонот окситоцин кај мајката, кој предизвикува контракции на матката и помага плацентата да се исфрли многу полесно и поприродно.
Традиции и почит кон плацентата низ светот
Иако за некои самата помисла или изглед на плацентата може да биде непријатна, таа е единствениот привремен орган без кој никој од нас не би дошол на светот. Во чест на нејзината важност, во многу култури постојат прекрасни традиционални обичаи.
На пример, кај народот Маори во Нов Зеланд, по раѓањето на детето, плацентата и папочната врвца заедно се закопуваат во земја, како симбол на вечната поврзаност со природата. Интересно е што Маорите ја нарекуваат плацентата „whenua“, што е истовремено нивниот збор за земја. Папочната врвца ја нарекуваат „pito“ и таа за нив претставува духовна врска помеѓy човекот и Мајката Земја. Личноста чија плацента е вратена во земјата, симболично станува нејзин чувар со обврска да се грижи за планетата на која е родена.