Децата и младите сè почесто неправилно го држат телото, што доведува до функционални и морфолошки промени на ‘рбетниот столб и мускулно-скелетниот систем. Покрај основните деформитети на ‘рбетот, овие проблеми често се одразуваат и врз други делови од телото, предизвикувајќи деформации на градната коска (вдлабнат или испакнат граден кош), колената („X“ и „O“ нозе) и стапалата (рамни или издолжени стапала).
Најчести деформитети на ‘рбетниот столб
- Сколиоза: странично искривување на ‘рбетот во форма на буквата „С“ или „Ѕ“.
- Кифоза: прекумерна заобленост на горниот дел од ‘рбетот (подгрбавеност).
- Лордоза: прекумерно влегување на ‘рбетот во лумбалниот (долниот) дел нанапред.
Кога најчесто се јавуваат проблемите со ‘рбетот?
Деформитетите најчесто се развиваат за време на интензивниот раст и развој, при што постојат три критични периоди:
- Првата година од животот: период кога детето почнува да се исправа, да стои и да ги прави првите чекори.
- Тргнување во училиште (6–7 години): пресудна фаза во животот на детето. Одеднаш се менува динамичниот начин на живот и детето поминува по 4–5 часа седејќи во клупа (која често не е приспособена на неговата висина), носејќи тешка училишна торба.
- Пубертет: многу чувствителна фаза поради засилена хормонална активност и забрзан раст. Девојчињата често заземаат подгрбавен став за да го скријат формирањето на градите, додека кај момчињата овој став се јавува од држење на рацете во џебовите.
Фактори за настанување на деформитетите
Причините за појавата на деформитети се делат на:
- Внатрешни фактори: вродени аномалии, нарушена работа на ендокрините жлезди или недостиг на витамини (на кои тешко може да се влијае).
- Надворешни фактори: главни причинители на кои родителите можат директно да влијаат. Тука спаѓаат:
- Неправилно седење и пасивен начин на живот (компјутери, телефони, ТВ).
- Носење претешка училишна торба (над 20 % од тежината на детето).
- Спиење на премногу мек душек и со висока перница.
- Неправилна исхрана и недоволна физичка активност.
Симптоми и последици
Покрај видливите промени во држењето, децата со деформитет на ‘рбетот често покажуваат симптоми како: бледило, вознемиреност, безволност, поспаност, чести главоболки, губење на апетитот и болки во вратот или грбот.
Превенција и лекување
Ранoто детектирање и редовните систематски прегледи се важни за успешно справување со овие состојби:
- Физичка активност: редовното спортување (најмалку 3 пати неделно) ја намалува можноста за појава на деформитети на минимум.
- Кинезитерапија: доколку веќе постои деформитет, се спроведуваат корективни вежби за дишење, движење, зајакнување на мускулатурата и стабилизација.
- Морфолошки помагала и операција: кај поизразена сколиоза (над 20°) се користи медицински мидер (корсет), додека кај екстремни искривувања (над 50°) неопходна е оперативна интервенција.