Пред неколку дена мојот син работеше до доцна. Секогаш го чекам на каучот додека да си дојде дома, но таа ноќ заспав. Ме разбуди веднаш кога дојде и јас си легнав во мојот кревет. Потоа седев будна до околу 1 часот по полноќ и не можев да се сетам дали тој е дома. Мојот рационален разум знаеше дека е дома и бев сигурна дека тоа е ноќта кога ми кажа дека дошол. Беше пред мене, го видов со сопствени очи и го прашав како било на работа. Но, морав да бидам сигурна. Бидејќи тоа значи да си родител на тинејџер.

Се довлечкав до неговата соба и ја отворив вратата за да проверам. На крајот го разбудив и тој зјапаше во мене со половина отворени очи. Не беше среќен, најблаго кажано. Поентата е што тој знае што правам: знае дека морам по втор пат да проверам за да се осигурам кога е дома бидејќи многу пати порано сум го направила истото. Исто така, знае дека кога вози некаде, ако не добијам порака дека стигнал безбедно, ќе му се јавувам за да се уверам дека стигнал.

Се обидов да се справам со анксиозноста. Кога моите деца беа помали, си велев дека ќе се смирам кога ќе бидам доволно возрасни. Но, еве сум сега, седам до прозорецот секојпат кога моето 17-годишно дете вози по улицата со својот брат и сестра за да ги однесе во куќата на татко им, каде што поминуваат неколку ноќи во неделата. Кога заминуваат на училиште, кажувам уште една молитва за да се вратат безбедно дома. Ако се со пријатели, во главата ги играм сите сценарија што може да тргнат на лошо. Доволно е само едно нешто за да се случи трагедија: да ги удри некој што пиел, некој да им стави дрога во пијалакот, да се случи некоја несреќа, да се сретнат со некој со кого разговарале онлајн.

Знам дека родителството треба да има тешки моменти, но не знаев дека до толку ќе ме обземе. Немав претстава дека мислите во мојата глава ќе бидат толку хаотични. Имав чувство како да имам постпородилна анксиозност која не исчезнува. Кога децата беа помали, се грижев дека некој ќе ги украде додека спијат во собата или дека ќе се задават со храна ако ги оставам со дадилка, па не го правев тоа.

Моите тинејџери имаат прилично нормален живот. Работат, одат на училиште, се гледаат со пријателите и се занимаваат со спорт. Она што сакам да го кажам е дека знам оти мојата анксиозност и фактот дека моите мисли одат на „лошо место“ секојпат кога ќе заминат – е мој проблем, а не нивен.


Знам дека треба да се справам со тоа и никогаш да не дозволам тоа да се испречи меѓу нас. Тоа е нивен живот и не можам да ги чувам во стаклено ѕвоно за ништо да не им се случи. Работам на тоа – работев уште откако го добив првото бебе пред 17 години. Има периоди кога можам да се натерам себеси да се смирам, а и такви кога сум на самото дно. Тоа е моето нормално и НЕ – тоа не ме прави лоша мајка. Јас сум анксиозна мајка и им покажувам како е да се бориш со нешто и да се обидуваш да го решиш. Но, како нивна мајка секогаш ќе морам и сакам да им се јавам или да им пишам порака кога треба да стигнат до нивната дестинација, без разлика каде одат. Едноставно „стигнав“ не е многу големо барање. Јас ги родив и ги облекував и хранев.

А понекогаш можеби ќе ги проверувам во нивните соби по втор (трет) пат само за да се уверам дека се стигнати дома. Ако ме прашувате, има многу полоши работи што може да ги уништат нивните животи и ако ова е тоа што ми е потребно за да си го смирам умот, тогаш така нека биде.

Автор: Кејт Бингам-Смит

Извор



912

X