Кога ќе прочитате исповед од девојка што трпела насилство од страна на учителот, некако таа вест ви испраќа „шлаканица“ за освестување. Ги учиме своите деца на убаво однесување, вистински вредности и им зборуваме како да се одбранат од непознати луѓе, но потребно е дополнително да се крене свеста. Некогаш некои теми не ни паѓаат на ум додека не се случат од едноставна причина што светот го гледаме со свои очи. Од таа причина, оваа исповед е „шлаканица“ за освестување.

Додека го пишувам текстот, се мачам како да го конципирам бидејќи прво како родител ме погодува таа вест, а од друга страна сум и психолог. Мојата цел е заедно со родителите да градиме сигурно и здраво опкружување за нашите деца. Во продолжение се насоки на кои треба да се обрне внимание.

Кога ќе се случи ситуација во која детето свесно трпи злоупотреба, а за тоа молчи, дали е тоа знак дека нешто не е во ред во однос на родителите и што е тоа? Како да го промениме?

За да дојдеме до одговор зошто детето или младо лице премолчило пред своите родители, треба да се земат предвид многу фактори. Од тоа каков однос има со родителите, која развојна возраст е во прашање, дали злоупотребувачот е непознато или познато лице, дали се вклучени уцени/закани. Младите во периодот на адолесценцијата имаат многу преиспитувања. Кога се злоупотребени, некои од нив се плашат да признаат бидејќи мислат дека ќе ги разочараат родителите, се плашат од последици, се плашат од закани кои злоупотребувачот ги користи, дали ќе им веруваат, дали тие го предизвикале злоупотребувањето, не знаат кому да кажат и како да кажат, се плашат дека околината ќе ги отфрли, ќе им се потсмеваат, ќе речат дека се глупави, дека не знаеле како да се снајдат… Се преиспитуваат дали тие се виновни, срам им е поради случката…

Поголема е веројатноста дека детето ќе ви каже ако му се дозволени грешки и вие на нив реагирате без казнување. Децата треба да ги научат лекциите преку последици, а не преку омаловажување или казнување. Грешките се можност односот родител-дете да се зајакне. Кога детето ќе го научите од грешките да ги учи лекциите, вие испраќате порака дека е во ред да се греши, но важно е да ја научи лекцијата. Нормално е и родителите да погрешат. Тогаш децата гледаат дека не сте совршени и дека тоа е сосема во ред. Уште еден начин на кој го зајакнуваме својот однос со децата е кога сме тука за нив кога поминуваат низ непријатни ситуации. Во тоа ќе успееме доколку ги слушнеме децата што ни зборуваат и не ги отфрламе нивните чувства затоа што нивните проблеми ни изгледаат мали. Родителите некогаш знаат да одговорат: „Немаш причина да се лутиш – Престани да плачеш – Грда си кога се лутиш – Момчиња не плачат.“ Ако родителот се однесува така, тој не го охрабрува детето да каже кога подоцна ќе има поголем проблем. Затоа е важно да ги учите да ги покажуваат своите емоции. Можете да користите техника за емоционална обука преку 3 чекори:

Признавање

Препознајте ја и признајте ја емоцијата. Именувајте го чувството. На пример: „Гледам дека си тажна бидејќи…“, „Ова баш те налути…“, „Ми изгледаш загрижено…“ Додека ги именувате чувствата, обрнете внимание на вашиот тон, израз на лицето и однесувањето, кажете го тоа чувствително. Таквиот начин на комуницирање ќе придонесе детето да заклучи дека го разбирате.

Прифаќање

Прифатете ги чувствата на детето наместо да се обидувате да ги измените. Фрази кои може да ги користите: „Разбирам, сфаќам, јасно ми е…“ Кога детето ќе каже: „Се плашам…“, а нашиот одговор ќе биде „Ма те молам, нема од што да се плашиш“, тоа значи отпишување на чувствата. Поставете прашање: „Од што се плашиш?“ Дете: „Се плашам од вештерката во бајката.“ Родителот: „Јасно ми е.“ И дојдовме до следниот чекор.

Бидете со децата

Откако ќе ги именувате чувствата и ќе ги прифатите, понекогаш е доволно само во тишина да се седи со детето или да го прегрнете. Кога, на пример, ќе добие лоша оценка и ќе видите дека се разочарало од резултатот, можете да кажете: „Логично е да се чувствуваш разочарано, вредно работеше, а резултатот е различен од она што го очекуваше.“ Некое дете ќе продолжи да зборува за тоа, додека некое дете ќе има потреба само од вашето присуство.

Врз основа на трите чекори детето добива можност да ги обработи своите чувства, да разбере дека е сосема во ред и пожелно да ги покаже и да стекне доверба во родителот. Ова е нешто за што сигурно голем број родители размислувале, па треба да знаат дека постои начин да ги ослободат своите деца и не треба да се плашат да го направат тоа.


Автор: Јелена Марушиќ, психолог

Извор



912

X