Антисоцијалното однесување е поим на кој во поновата литература му се дава предност во однос на поимите деликвенција и престапништво, кои подразбираат исклучиво кршење на законот. Како синоним за антисоцијално однесување често се употребува ризично однесување. Меѓутоа, би можеле да кажеме дека поимот „антисоцијално“ претставува скратено сфаќање бидејќи опфаќа само екстернализирано однесување, кое е во судир со општеството, насочено „кон надвор“. Кога велиме ризично однесување, тука мислиме и на интернализирани проблеми, како зголемена анксиозност, депресија, различни фобии, склоност кон самоповредување. Тука ќе обрнеме внимание на тоа како одредени семејни околности и семејната атмосфера може да ја зголемат веројатноста за децата и младите да покажат некои облици на проблематично однесување.

Не е правило, но не е ниту реткост младите што се во судир со општествените и/или правните норми да потекнуваат од дисфункционални семејства. Семејството, како основно опкружување на секоја личност и како примарен фактор за социјализација, на развојот на ризичното однесување може да влијае двонасочно: 1. Присуство на фактори што го погодуваат настанувањето на ризичното однесување и 2. Отсуство на фактори што негуваат просоцијално однесување. Преку многубројни истражувања се дошло до дефинирање на конкретни чинители кои во оваа смисла можеме да ги набљудуваме како значајни.

Недостиг на позитивни афективни врски помеѓу родителите и детето

Афективната (емоционална) врска се воспоставува веќе во првите моменти од животот на детето, особено меѓу мајката и детето – преку допир, чинот на доење, пријатноста што кај бебето ја предизвикува мајчиниот глас. Рамнодушноста, отфрлањето и избегнувањето на детето може негативно да се одразат врз целокупниот понатамошен развој на личноста.

Проблеми во функционирањето на семејството

Овој фактор се активира кога доаѓа до неможност на родителите да организираат секојдневни семејни активности преку кои ќе ја завршуваат својата родителска улога. Тоа може да се покаже на две нивоа. Првото е дистанцирано и неангажирано родителство. Дистанцираноста се согледува како во недостигот на интеракција помеѓу самите родители така и помеѓу родителите и децата. За тоа, на пример, може да придонесе преголемото оптоварување на родителите со работата, или лошата материјална ситуација каде што родителите се принудени да работат повеќе работи. Неангажираноста се однесува на недостигот на пофалување на детето за посакуваното однесување, сугестии и совети за просоцијално однесување, позитивно поттикнување за јакнење на мотивацијата. Второто ниво е недоследно родителство кое се покажува преку непостоење јасни правила на однесување, или доколку постојат, недоследност во нивното спроведување. Овој аспект подразбира и неусогласеност на родителите во однос на границите, постоење двосмислени правила, противречност во нивното спроведување, во одредени моменти казнување, а во некои други толерирање на истото. Сето ова понатаму води кон неуспех во воспоставувањето дисциплина и намалена контрола над однесувањето на децата. Истражувањата покажале дека родителите на деца кои насилно се однесуваат најчесто не знаат каде, како и со кого нивното дете го поминува слободното време.


Недостиг на респонзивност


Респонзивноста се однесува на способноста на родителите да ги препознаат потребите на детето, да се стават во „негови чевли“, да не го минимизираат она што го мачи детето бидејќи нему, како возрасно лице, тоа му изгледа смешно или неважно. Се покажува преку покажување интерес за активностите на детето , преку конструктивна грижа и поддршка, топлина, а воедно и доследно и ефикасно спроведување на правилата за однесување. Истражувањата покажуваат дека слабата респонзивност е во врска со ризикот од развивање ризични облици на однесување.


Конфликти помеѓу родителите


Детето што присуствува на секојдневни кавги и судири меѓу родителите го усвојува тој модел како прифатлив начин за справување со проблемите. Партнерските конфликти доведуваат и до тоа родителите да бидат незадоволни од својот живот и преокупирани со лични проблеми, па често за децата стануваат емоционално недостапни. Дополнително, во таква атмосфера може да почнат да се караат и околу начинот на воспитување на децата, или тоа да стане поле на кое ќе се инаетат.


Развод


Разводот или разделувањето на родителите настапува како последица на конфликти. Со тоа семејството станува деградирано, со уште помалку можности за вршење на основните семејни функции. Истражувањата покажуваат дека разделувањето на родителите пред навршени 5 години живот на детето ги зголемува шансите за покажување нарушувања во однесувањето. Критичен период е и пред адолесценцијата и адолесценцијата. Ова секако не е правило – не се сите деца на разведени родители склони кон проблематично однесување. Родителите кои соодветно ги завршуваат своите родителски улоги и по разводот, „здраво“ поминуваат низ самиот развод и продолжуваат заедно да се грижат за децата, па значајно ја намалуваат веројатноста за развивање ризично однесување.


Непрепознавање на проблематично однесување


Не е реткост родителите, од една страна, да го негираат постоењето на проблеми кај детето, додека, од друга страна, да ја идеализираат сликата за своите остварувања во родителската улога. На тоа главно се склони родители кои негуваат попустлив воспитен стил. Кога несоодветното однесување ќе се покаже, изоставувањето на реакција од страна на возрасните е поткрепувачко за тоа однесување во иста мера како на детето да му е дадена награда.

Психопатологија на родителите


Антисоцијалните облици на однесување на родителите, како што се зависност од алкохол, психоактивни супстанции, криминалитет и агресивност, му нудат на детето негативен модел за справување со проблемите. Ваквиот животен стил на родителите воедно го остава настрана промовирањето на социјално прифатливо однесување. Во таквата атмосфера, всушност, детето и нема каде и како да научи поинаку. Не негираме дека постојат деца кои и во такви околности излегуваат на вистинскиот пат, но во тој случај клучна улога имаат силните протективни фактори на самата личност. Докажано е дека шансата за искажување антисоцијално однесување кај децата е поголема во случај кога едниот или двајцата родители се соочуваат со депресија. Депресивната состојба влијае на намалување на родителската контрола, како и енергија и волја за грижа за детето.

Ризични фактори може да се пронајдат и во доменот на врсничката група, училиштето, пошироката општествена заедница, како и во самата личност на лицето кое е склоно кон антисоцијално однесување. Кај повеќето млади лица кај кои се јавуваат некои од облиците на ризично однесување присутна е, всушност, комбинација на фактори од различни домени, па и во самиот третман, за да биде што поуспешен, потребно е да се пристапи системски.


Автор: м-р Анѓела Златковиќ, специјален педагог


Извор



912

X