Здравје

Од постпородилната депресија страдаат и татковците

Мажите немаат царски рез и немаат болни брадавици. Но, според неодамнешното истражување, 10 отсто од новите татковци се соочуваат со претпородилна и постпородилна депресија. Бројките се зголемуваат помеѓу 3. и 6. месец.

– Мажите минуваат низ хормонални промени исто како што минуваат жените по пораѓањето – се соочуваат со намалување на тестостеронот и зголемување на естрогенот. Овие хормонални промени заедно со недостигот на сон создаваат совршена бура – вели терапевтот Вил Кортенеј.

33-годишниот писател Крис Илуминати вели дека неговата депресија почнала по еден месец откако се родил неговиот син.

– Тогаш почна неспиењето и деновите кога немаше распоред. Обично сум среќна личност, така што луѓето почнаа да ме прашуваат: „Дали си добро?“ Работите се влошуваа навечер. Будни сте со бебето и сами со мислите – се сеќава тој.

Како и многу мажи што доживеале постпородилна депресија, Илуминати се повлекол и, некарактеристично за него, почнал да нема трпение.

– Се чувствував како да немам контрола. Едвај чекав да излезам од дома и да завршам некои обврски затоа што тоа значеше дека ќе бидам сам во автомобилот – вели тој.

Како да ја препознаете постпородилната депресија кај мажите?

42-годишниот Џоел Шварцберг, кој е автор на книгата „40-годишната верзија“, се пронаоѓа во ситуацијата.

– Кога син ми се роди, се чувствував како да сум во хаос. Паднав во депресија и се чувствував виновен што имав вакви чувства – раскажува тој.

Како и Илуминати, и тој возел за да се чувствува слободен. Кога излегувал, одел во ресторани за брза храна за да јаде.

– Ѝ велев на сопругата: „Легни малку да поспиеш, јас ќе го повозам бебето со автомобилот“. Додека возев, застанував во различни ресторани за брза храна: хот-дог, крофни и друга брза храна.

Настрана од гневот и промените во навиките за јадење, пиењето, коцкањето, работењето многу и помислата на афера се црвени знамиња, исто како што е и промената на личноста.

– Ако сопругата вели: „Која е оваа личност?“, тогаш голема е шансата да страдате од депресија – вели терапевтот Патриша О’Лахулин од Центарот за психологија на жените во Калифорнија. Главен пример: нетрпеливиот татко се претвора во оддалечен татко.

– Кога таа беше бремена, бевме среќни и возбудени за детето. Но, моментот кога стигнавме дома беше шок за системот – вели Шварцберг.

За жал, експертите велат дека постпородилната депресија кај татковците има различни ефекти отколку кај мајката. Многу мажи страдаат во тишина. – Постои голем фокус на жените, па професионалците не ни забележуваат дека и мажите страдаат од постпородилната депресија – вели д-р Патриша.

– Три мајки што се дружат разговараат за она што го чувствуваат. Додека тројца татковци велат: „Кој игра овој викенд?“ Кај нас постои менталитетот „Собери се и продолжи“ – вели Шварцберг.

И додека тој вели дека е критикуван и наречен себичен затоа што го сподели неговото искуство на веб-страницата „Њусвик“, сфати дека не е сам. – Не знаев дека има и други татковци што минуваат низ истата работа додека не почнав да ги среќавам како резултат на моето пишување – вели тој.

Како да се справите?

Ако вие или вашиот партнер се бори со овој вид депресија, достапна е помош – и таа помош е клучна.

– Знаеме дека ако не се лекува, постпородилното нарушување често се влошува и може да ги уништи бракот, кариерата и може да доведе до финансиски проблеми. Депресивниот татко исто така може да има негативно влијание врз емоционалното однесување на детето – вели Кортенеј, која сугерира терапија.

Што се однесува до Шварцберг и Илуминати, нивните депресии се намалени.

– Конечно почнувате да се чувствувате поврзани со нив. Како што растат, можете да идентификувате дел од нив во вас. Тоа го запечати крајот на мојата депресија – вели Шварцберг.

И Илуминати има сличен крај. – Како и со новата работа, првите неколку дена паничите, но полека влегувате во ритам – вели тој.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top