Џоан Арена е нутриционист со 35-годишно искуство. Таа веќе долги години соработува со деца што страдаат од вишок килограми.

Докторката помина доста време проучувајќи ги нарушувањата во исхраната и нивна превенција кај луѓето со вишок килограми.

Ова е нејзината приказна:

– Дали некогаш сте посведочиле на ситуација во која родителот му кажува на детето нешто што сметате дека не е во ред? Дали сте се вмешале или сте молчеле? Дали сте сакале да вреснете: „Ме зафркаваш?! Не би требало да му кажеш на детето такво нешто!

Јас секој ден се чувствувам така. Работам со деца и тинејџери со дебелина како нутриционист-консултант. Навистина сакам да им кажам нешто непријатно на родителите, роднините, па дури и на другите специјалисти, педијатрите, во тие моменти.

Едноставно не можам да верувам колкава е човечката глупавост. „Тоа не оди така“, им велам на моите колеги, кои се многу паметни луѓе, но кога станува збор за воспитувањето и одгледувањето на децата, знаат да бидат многу глупави!

Би им кажала многу работи на тие луѓе, но веројатно би останала без работа. Едноставно, некогаш не можам да молчам.

Неодамна ја напуштив канцеларијата за советување во исхраната, каде што ја менував колешката, кога во ходникот забележав девојче кое чекаше да биде примено. Седеше со мајка си. Имаше 6 или 7 години и веројатно беше на почетокот на програмата за приспособување на тежината или нешто слично бидејќи нејзиното лице беше како да ја довеле на смртна казна.

Фокусот на програмата е целото семејство, подобрување на квалитетот на живот и зголемување на здравјето.  Родителите на децата што се дебели се служат со „старите“ методи и го велат следното: „Ако не го изедеш овој зеленчук, нема да добиеш колаче“.

Тој метод создава личност која на 32 години конечно ќе може да јаде што сака, па директно оди на десертот, избегнувајќи го зеленчукот што како дете морал да го изеде. Штом родителот станува свесен за тежината и големината на телото на детето, работите почнуваат да се менуваат.

Одредени родители стануваат опседнати со изгледот на детето, па сакаат веднаш да ослабне. Постојат и такви родители што и сами имале проблеми со тежината како деца, па сега постојано го набљудуваат своето дете, под паролата: „Не сакам да му се случи она што јас го доживеав!“

Постојат и родители (верувајте ми, во мојата кариера сум ги имала многу) кои би сакале децата (по некои чудни стандарди) да бидат совршени.

Тогаш сакам да им речам: „Не гледаш дека твоето однесување го уништува твоето дете? Како можеш да бидеш толку кратковид?“

Но не велам ништо такво бидејќи во длабочината на душата знам дека родителите навистина ги сакаат своите деца и им го посакуваат најдоброто. Но, тука доаѓаме до еден огромен проблем.

Кога на децата ќе им се скрати храна, тие почнуваат манично да јадат. Тогаш многу родители не забележуваат дека детето скришум и со крадење јаде.

Ова откритие доведува до заклучокот дека овој пристап навистина не е добар и дека фокусот мора да се стави на здравјето на целото семејство. Но, тоа е тешко бидејќи родителите сакаат да го променат детето, а не сакаат да се променат себеси. Тие ќе прифатат детето да им јаде здрава храна, ќе му приготвуваат здрава храна и ќе водат сметка за тоа, но самите нема да јадат здрава храна. Кога детето ќе види дека само тоа јаде зеленчук, додека неговите родители јадат брза храна, станува очајно и таквиот начин на исхрана нема да донесе позитивни резултати.

Поради тоа, ги молам родителите искрено да ми одговорат на овие прашања:

Дали мислите дека тежината на вашето дете зборува за тоа каков родител сте?
Дали мислите дека не сте успеале бидејќи вашето дете не е слабо како неговите другари?
Дали го коментирате вашето тело, телото на детето или на другите луѓе?
Дали го мерите детето дома? Дали разговарате за тие бројки?
Дали сте го промениле вашето однесување во врска со исхраната по посетата кај педијатарот, каде што сте го почнале прашањето за тежината?
Дали му забранувате на детето да јаде храна што ја јадат другите членови на семејството?
Дали го принудувате детето да се занимава со физичка активност (трчање, возење велосипед итн.) дури и ако воопшто не му се допаѓа?

Ако сте одговориле со ДА на кое било од овие прашања, мојата претпоставка е дека детето од вас добива порака што може да му наштети сега или подоцна.

Пораката што со вашето однесување му ја испраќате на детето е слична на оваа содржина:

1. Не сум во ред.
2. Големината на моето тело е многу важна. Бројот на вагата одредува кој сум јас.
3. Морам да се чувствувам виновен што изедов храна што не ми е дозволена.
4. Вежбањето е непријатно.
5. Ако ослабам, моите родители ќе бидат среќни.

Што можете да направите?

Никогаш не е доцна да воспоставите здрав однос кон тежината и храната. Можете да им помогнете на вашите деца да воспостават здрав однос кон своето тело. Само треба да го прифатите фактот дека немате апсолутно никаква контрола над она што им е одредено на телата да бидат (нашите гени се задолжени за тоа).

Најважно е да работите на животниот стил на семејството за да го подобрите здравјето на сите членови. Вашата цел нека бидат благосостојбата и здравјето. Создајте прекрасно опкружување што може да се пренесе на децата.

Како да го направите тоа? Можете да почнете со ова:

1. Фрлете ја вагата. Фокусирајте се на здравјето, а не на бројките.
2. Кога станува збор за храната, третирајте ги сите членови во вашето семејство еднакво.
3. Разговарајте за здравјето, а не за тежината или телото.
4. Заштитете го вашето дете.

Не дозволувајте никој да го коментира телото на вашето дете, вклучувајќи: браќа, сестри, мајка, татко, вујко, тетка, баба, дедо или вашиот лекар. Предупредете ги однапред. Кажете им дека не сакате да се фокусирате на тежината. Вашиот лекар може да постави дијагноза дебелина, но не мора да зборува за тоа во присуство на детето.

5. Не гледајте го детето попреку ако јаде нешто што не би требало. Детето е чувствително на вашите погледи и го боли ако го гледате така. За детето е најважно што правите вие. Ако вежбате и здраво се храните, и вашето дете ќе прави така.

6. Побарајте помош

Ако ни вие не сте задоволни од сопствената тежина, побарајте помош од нутриционист, личен тренер, советник за исхрана… Никогаш не одлучувајте се за брзи диети, а особено не кога детето ве набљудува.

Помирете се со фактот дека идеалот за убавина не е реален и дека повеќето луѓе не се вклопуваат во него. Сакајте го вашето тело.

Мојот совет за жените е: не сте лош родител ако детето е подебело од својата генерација. Не терајте го да биде она што не е. Прифатете го со љубов и водете сметка за здравиот начин на живот. Тоа не мора да значи дека секој ден треба да јадете само овошје и зеленчук и да тренирате. Нека тој ваш поздрав начин на живот биде приспособен на семејството, за никој да не страда.

Да го видевте лицето на девојчето во ходникот, ќе знаевте за што зборувам. Ве молам, немојте да му го правите тоа на вашето дете.



912

X