Воспитување

Недостигот на родителска дисциплина е причина за агресивното однесување на децата

Родителите што не успеваат правилно да ги дисциплинираат своите деца создаваат генерации незадоволни и фрустрирани деца, тврди ново истражување.

Учениците имаат двојно поголема веројатност да бидат агресивни и да ги нарушуваат часовите доколку имаат родители кои биле насилни, премногу критични или неконзистентни во воспитувањето, покажува новото истражување. Спротивно на тоа, децата се однесуваат подобро ако нивните родители ја комбинираат топлината со јасни и правила и граници. Во истражувањето учествувале 300 семејства со деца на возраст од четири до седум години.

– Негативниот стил на родителство, кој се карактеризира со груба, неконзистентна дисциплина, е јасно поврзан со посериозно антисоцијално однесување кај децата – велат истражувачите, предводени од професорот Стивен Скот, директор на Националната академија за родителско истражување.

Имено, децата чии родители користеле негативна дисциплина имале сериозни проблеми во однесувањето во споредба со децата во контролната група. Исто така, студијата покажа дека родителите што се оддалечени, дистанцирани и слабо вклучени во родителството придонесуваат за негативни модели на однесување кај децата.

– Многу деца денес гледаат телевизија пред спиење наместо да зборуваат со своите родители, да читаат приказни, да пеат песни и да поминуваат квалитетно време заедно. Ова е, исто така, проблем што не треба да се игнорира – забележуваат истражувачите.

Понатаму, истражувачкиот тим објави дека мајките што биле помалку образовани и имале помали примања почесто прибегнувале кон негативно родителство. Лошиот и несоодветен надзор врз активностите на децата, исто така, е поврзан со лошо однесување.

– Голем број студии покажаа дека грубото родителство ги обучува децата да станат асоцијални – велат истражувачите. Децата што пораснале во таква средина имале полоши резултати на училиште и имале поголема веројатност да прибегнат кон ризични однесувања поврзани со дрога и алкохол.

Истражувачите ја нагласуваат потребата од едукација на родителите за опасностите од негативното родителство и велат дека дисциплината, комуникацијата и решавањето конфликти се клучни во оптималниот развој на детето.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top