Кога родителството стана групна активност? И зошто родителите – особено мајките, ја чувствуваат потребата да ја минимизираат реалноста за тоа што значи да се има мало, или активно дете? Работите стануваат гласни, неуредни и ДА, понекогаш сè и надвор од контрола. И знаете што? Тоа е нормално.

Има нов тренд според кој сè повеќе родители се извинуваат и однапред им даваат подароци на непознати во случај нивното дете на некаков начин да ги попречи во нешто или, пак, да ги вознемири. Родителите се внимателни и сочувствуваат и иако тие генерално се добри луѓе што така постапуваат, сепак, тоа не е навистина потребно. Последното писмо со извинување стана вирално, а беше објавено на Твитер од корисникот „КитиБиЏуниор“, кој напиша:

„Соседите го оставија ова на вратата… ќе им испечам колачиња“. Во писмото, соседот објаснува дека ќе започнат со тренинг за спиење и однапред се извинува бидејќи се работи за стан, па другите од зградата ќе може да го слушаат плачењето на бебето. „Жалам што морам да ве информирам дека почнавме тренинг за спиење со нашиот син. По многу непроспиени ноќи благодарение на 4-месечната регресија во спиењето, одлучивме дека е време да се започне со методот – исплачи се. Ако слушате плачење, ве молам помолете се за мене и знајте дека и јас исто така плачам и полудувам. Многу ми е жал за вознемирувањето што можеби ќе ви го предизвикаме и се надевам дека нема да трае долго“, стои во писмото.

Во ред, да се живее во зграда значи дека треба да се има почит и кон другите станари. Можеби е во ред извинување за бучна забава, но за бебе што плаче? Некои работи едноставно се надвор од контрола. Се разбира дека сакате да ги почитувате другите, но приоритет треба да бидат потребите и желбите на вашето дете – и благосостојбата на вашето семејство. Секој нов родител знае дека одморот за родителите, но и за бебето е од основно значење. За родителите што ја избираат методата за друга форма на тренинг за спиење, стресот може да биде поголем. Како некој што го има искусено тоа, тренингот за спиење е навистина нервозен процес, кој вклучува и солзи (јас дефинитивно плачев), но родителите не треба да бидат оптоварени со грижи дека се и лоши соседи, згора на сè, ако веќе го прават најдоброто за своето бебе.

Зарем родителите немаат доволно проблеми, па сега треба да се извинуваат што едноставно живеат? Изморени се и практично жонглираат со сите тие обврски, па сега треба уште да бидат загрижени за нивните соседи во однос на нивната реакција за бебето? Не. Овој тренд на извинување поставува опасен преседан за додавање дополнителна вина и притисок, кои родителите веќе ги чувствуваат. Особено кога се заглавени дома и само се обидуваат да ја преживеат и оваа пандемија, па затоа би требало да си дадеме малку мир.

Се сеќавам на првиот пат кога летав со моето дете. Тогаш имаше 8 месеци, одбиваше да спие и врескаше цел час. Јас и сопругот се обидуваме со сè – ужина, играчки, шетање низ авионот. Јас се потев од срам. По летот, додека нашето семејство чекаше за багажот, неколку постари мажи и жени ни пристапија и целосно ни го променија расположението: „Држете се“, рече едниот. „Сите сме се нашле во таква ситуација! Завршувате одлична работа“, рече друг. Тие гестови полни со љубезност сè уште ми предизвикуваат насмевка на лицето и олеснување во душата.

Ајде тоа да биде новиот тренд. Нормализирање и промовирање на поддршката на новите родители и родителите генерално.

Автор: Мелиса Милс

Извор



912

X