Имате ли и вие мал „лутко“ кој вашето „не“ го доживува како напад, па вреска и скока? Не е лесно да се научи да се прифати одбивање. Многумина не го знаат тоа ни како возрасни, па од страв од одбивање често не поставуваат прашања и ги пропуштаат можностите што им ги нуди животот.

Можеби сега се запрашавте колку сте отпорни на одбивања, дали сте доволно упорни во својот живот ако ве одбиваат и како тоа ќе му го пренесете на своето дете? Можете да учите заедно со детето. За почеток, упорните знаат дека е во ред да се биде одбиен. Потоа сфаќаат дека на луѓето треба да им дадете слобода да ве одбијат ако за тоа имаат потреба. Кога сето тоа ќе го направите, ќе ви олесни и ќе се насочите кон преговарање. И со децата ќе се случи истото, а ќе забележите дека така ќе престане „не“ да го доживува како повод за лутина.

„Не“ може да биде почетокот на разговорот

Кога на вашето дете ќе му кажете „не“, тоа често се доживува како крај на разговорот. Некогаш тоа и е случај кога се работи за прашања со кои повлекувате граница, но на секојдневните мали молби вашето „не“ може да биде повод за преговарање. Нека ви каже алтернативен предлог, па ќе видите каде ќе ве одведе тоа. Можеби некој договор од типот: „Ако денес сакам чоколада, тогаш утре може да изедам повеќе овошје. Се согласуваш ли со тој предлог, мамо?“

Поттикнете ги на храброст и пофалете ги за тоа

Поттикнете ги да прашуваат. Ако се сами во парк и непознати деца си играат, кажете им да прашаат дали може да се запознаат и заедно да играат. Пофалете ги за нивниот храбар пристап: „Ми се допадна како ги праша децата да се запознаете. Добро е тоа што го направи. За тоа треба храброст“.

Научете ги да нудат помош

Учете ги да ги прашуваат другите дали им треба помош. Тоа е многу важна лекција бидејќи и во таков случај може да бидете одбиени. Со ова искуство, исто така, го учите детето дека постои тенка линија помеѓу тоа некому да дадете помош кога тој ја сака и да не го присилувате другиот да му помогнете, ако тој не сака.

Треба да знаеме што сакаме и да знаеме да го побараме тоа

Само така си даваме можност да живееме онака како што сакаме и да не ги пропуштаме шансите во животот. Затоа уште додека се мали децата, треба да ги вежбаме да бидат поотпорни на одбивање, а можете истото да го примените и на себе, бидејќи сигурно и вие имате барем еден мал дел од тој проблем.

Автор: И.Ш.



912

X