Кога детето ќе започне да издава наредби, тоа често укажува дека е под голем притисок, дека се случуваат многу работи наспроти неговата волја, па не се чувствува слободно. Тоа кај него може да создаде чувство дека нема контрола над својот живот.

Колку и да изгледа ова „сериозно“, имајте предвид дека дури и мало дете од година-две ќе реагира кога потребата за изразување на волјата некое време е спречена. Детето нема да знае да го каже тоа, но ќе го покаже во однесувањето. Обидете се да читате меѓу редови. На ова треба особено да се обрне внимание ако детето поголем дел од времето го поминува во градинка, ако денот му е оптоварен со премногу активности, ако го чуваат лица што се премногу „строги“, ако неодамна се родило ново бебе во семејството, ако некој од родителите често е на пат итн.

Во ваков случај, родителите треба да си го постават следното прашање: Дали детето има простор да се изрази и да ја искаже својата волја во текот на денот (што ќе јаде, што ќе облече, каде ќе оди, со што ќе си игра…) колку е вклучено, колку го чекате да се определи за нешто или да прифати некоја опција? Ако забележите дека има простор за мала корекција и поголемо вклучување во текот на денот, тоа на детето многу ќе му значи. Ова се неколку идеи за игри што можете да ги примените:

1. „Јас прашувам – ти кажуваш?“ На пример: jас прашувам што сега ќе јадеме – ти кажуваш… (па детето одговара). Јас прашувам што ќе играме сега – ти кажуваш…
2. „Јас го правам она што ти ќе го кажеш“ – детето кажува, на пример: „Скокај“, „Легни“, „Стани“, а родителот тоа го следи.
3. „Диригент“ – детето „диригира“, а вие го имитирате.
4. „Јас имам волшебна моќ да…“ те замрзнам, забавам, забрзам, срушам… Детето „фрла“ магии на вас со магични зборови за кои однапред ќе се договорите и забавата може да почне.

Игрите траат додека тоа ви одговара и на вас и на вашето дете.

Автор: Сања Риста-Попиќ 



912

X