Кој би рекол дека ширењето трачеви може да почне на многу мала возраст? Озборувањето е вообичаено дури и за деца на возраст од 8 и 9 години. Потребно е родителите да избегнуваат драма и повредување на чувства за да ги научат децата како да ги почитуваат другите.

На еден од последните денови во трето одделение, Рован Четнер си дошла од училиште многу вознемирена.

– Слушнала дека некоја нејзина соученичка го менува училиштето за да не биде покрај неа. Дури и кога ѝ објаснив дека другото девојче го менува училиштето зашто целото нејзино семејство се преселува, Рован сè уште мислеше дека другите деца зборуваат лошо за неа – раскажува нејзината мајка Ребека Еклер од Торонто.

Лошите муабети, тајните и засрамувачки коментари почнуваат да се шират како епидемија во училиште меѓу децата од 8 и 9 години.

– Децата на оваа возраст ги користат трачевите за да експериментираат со тоа колкава моќ и влијание имаат врз другите. Тие, исто така, со тоа се обидуваат да стекнат поголема популарност. За среќа, можете да му помогнете на детето да ја избегне драмата ако малку го насочите – објаснува Карин С. Фреј, професор по едукативна психологија во Универзитетот „Вашингтон“ во Сиетл

Издвојте го безопасното зборување од озборувањето

Вашето дете веројатно зборува или често се допишува со пријателите. Во студија од универзитетот „Дјук“ биле испрашани 60 пара девојчиња од шесто одделение да „играат слободно“ во период од 15 минути. За тоа време, тие озборувале за околу 24 различни луѓе, во просек. Поголемиот дел биле безопасни дискусии, па дури и комплименти, но 3 или 4 од коментарите биле негативни и со потенцијал да повредат. Родителите треба да му дадат до знаење на детето дека ваквиот тип озборување може некого да повреди, како и задевањето, иако се прави далеку од ушите на детето за кое се зборува – објаснува авторот на студијата – Кристина Мекдоналд. Ова е нејзиниот совет: „Одиграјте неколку сценарија и прашајте го детето како би се чувствувало ако за него се зборува на таков начин“.

Заштитете ја приватноста

Вашето дете може да мисли дека не е озборување ако она што го зборува е вистина, а не негово мислење или негов трач, вели советникот Ајлин Кенеди-Мур, клинички психолог во Принстаун, Њу Џерси, автор на книгата „Непишани правила за пријателството“.

Зборувањето за детето што паднало на тест, пријавувањето кој бил испратен во канцеларијата на директорот, зборувањето за тоа на кого уште му е потребна помош од учителката за да ги врзе врвките – децата можеби не гледаат ништо лошо во ваквите моменти. Но, додека е нереално вашето дете никогаш да не спомене ништо за друг соученик кој не е присутен, вие сепак можете да го научите кои теми се надвор од границите. Зборувајте за проблеми што може да бидат чувствителни (како разводи и други семејни ситуации), засрамувачки (лоша оценка, симпатии, разболување на училиште), или извадени од контекст (кажување дека ученик бил во канцеларијата на директорот може да ги наведе другите да веруваат дека е во некаква неволја), за детето да знае и да избегнува да зборува на тие теми.

Згрижувачки пријателства

Можеби ќе бидете во искушение да му кажете на вашето дете дека зборувањето на своите соученици зад грб нема да го направи повеќе популарно, но студијата на д-р Мекдоналд покажува дека на оваа возраст тоа всушност и ќе се случи: Децата што озборуваат повеќе – повеќе им се допаѓале на другите врсници и нивните пријателства биле оценети од другите како поблиски. Наместо тоа, вие потенцирајте една од најголемите негативни последици на озборувањето.

Кажете му на вашето дете: „Ако зборуваш лошо за другите деца, тогаш и тие ќе те озборуваат тебе“, вели д-р Фреј. Исто така, дајте им на децата до знаење дека има и други начини за остварување блиски пријателства наместо преку озборувањето. Потоа предложете идеи за заеднички активности, на пример, волонтирање, запишување во спортски тим, или формирање Мајкрафт- клуб. Д-р Мекдоналд додава: „Помагањето на детето и на неговите другари да најдат други забавни работи е природен начин за обесхрабрување на озборувачкото однесување“.

Запрете го ширењето

Иако некои деца ретко почнуваат трачеви, може да имаат тешкотии да одолеат на нивното слушање или повторување, вели д-р Кенеди-Мур.

„Објаснете му на детето дека фактите често се измешуваат кога се шират од лице на лице и дека не е во ред да се пренесуваат трачеви, како што не е во ред и да се измислуваат“, вели таа. Предложете му на детето во моментите кога ќе слушне трач да рече: „Но, тој/таа кажува само убави нешта за тебе“ или „Тоа навистина не е моја работа“.

Исто така, дајте му совет на вашето дете за моментот кога ќе треба да му се обрати на наставникот за она што го слуша. „Кажете му дека не е издавање ако некој е повреден физички или емоционално од ширење некој трач, или ако сето тоа вклучува правење нешто што не е во ред, на пример, мамење на тест“, вели д-р Кенеди-Мур.

Ако на вашето дете му е срам да му пренесе на наставникот, можете и вие да му оставите белешка за да кажете што се случува.

Автор: Карен Цицеро



912

X