Најнова студија покажува дека стресот што го доживуваат мајките во текот на бременоста може да влијае врз стареењето на клетките кај децата. Студијата била спроведена од Универзитетот во Калифорнија – Сан Франциско, а била објавена на 2 декември во водечкото меѓународно списание од областа на психијатријата и клиничката психологија – „Психолошка медицина“.

Истражувачите следеле бели и црни жени, различни видови стрес во различни периоди од нивниот живот, а резултатите до кои дошле ги изненадиле.

Финансискиот стрес во текот на бременоста, како што е губењето на работата и неможноста да се платат сметките, се поврзува со забрзано стареење на клетките кај децата, но само кога станува збор за белата раса. Нефинансиските стресови, како што се развод или смрт на некој близок, немале забележлив ефект врз клетките на децата од која било раса.

Теломерниот ефект – забрзаното стареење на клетките е поврзано со стресот за време на бременоста

Клеточната старост може да се мери со должината на теломерите, заштитните капачиња на ДНК на крајот од хромозомите. Должината на теломерите природно се скратува со возраста, а пократките теломери предвидуваат ран почеток на болести, како што се срцеви заболувања и дијабетес, како и рана смрт.

Теломерниот ефект кај белите деца бил забележан само за стресот што се случил за време на бременоста – не во адолесценцијата или во текот на животот на жените.

Зошто има разлика во однос на расата?

Истражувачите следеле 110 бели жени и 112 црни жени од периодот на нивната бременост и нивното прво дете додека детето во просек не наполнило осум години.

За разлика од претходните студии кои вклучувале само бели жени, оваа студија следела приближно еднаков број бели и црни жени пред бременоста, за време на адолесценцијата, а потоа за време и по бременоста. Жените вклучени во студијата биле следени помеѓу 10 и 40 години. Истражувачите гледаат разлика помеѓу белите и црните жени во стратегиите за справување. Исто така, тие наведуваат дека е неопходно да се оди понатаму во проучувањето на стресот и отпорноста на стрес кај црните жени и да се проучат други можни извори на стрес кои можат да имаат поголемо влијание за нив, а не се вклучени во оваа студија.

Како да го намалите стресот за време на бременоста

Во посебна студија на истите истражувачи се објавени резултати кои покажуваат дека интервенциите кои вклучуваат техники на внимателност може да ги намалат стресот и депресијата за време на бременоста, но и дека таквите програми против стрес имаат ефект години по бременоста. Жените со ниски примања, во мали групи од по 10 трудници, биле вклучени во осумнеделна интервенција за време на бременоста. Интервенцијата вклучувала вежби за намалување на стресот базирани на свесност, конкретно фокусирани на свесно јадење, дишење и движење. Жените добиле и две телефонски сесии и групна сесија по породувањето со нивните бебиња.

Резултатите од оваа студија покажале дека релативно евтин и краткотраен третман од само осум недели за време на бременоста може да има долгорочен ефект за две човечки суштества. Управувањето со стресот, правилната исхрана и вежбањето за време на бременоста носат повеќекратни придобивки и го намалуваат негативното влијание на стресот и за мајката и за бебето.

Поддршката за сите трудници е важна

Добиените резултати од студијата укажуваат на важноста на пренаталната поддршка за сите трудници. Покрај тоа, жените со високи нивоа на токсичен стрес и социјални неволји треба да се идентификуваат за да им се овозможат интервенции кои се однесуваат не само на чувствата на стрес и депресија, туку и на прашањата на сиромаштијата, финансиската нестабилност и нестабилноста на домувањето.

Во текот на бременоста жените не треба да се соочуваат со проблеми од егзистенцијална природа, па затоа финансиската поддршка во овој период е клучна. Редовните придобивки за време на отсуство од работа, безбедноста на работното место и сигурно место за живеење се основа за спречување на далекосежните ефекти на стресот во текот на бременоста.

Автор: Јасмина Михњак/ психолог

Извор



912

X