Од дете кое сака постојано да биде со родителите, особено со мајката, кое прашува за секоја ситница што сака да ја направи и се обидува да ги восхити родителите за да ја добие нивната наклонетост, ситуацијата во шестата година се менува за 180 степени. Детето на оваа возраст одеднаш станува егоцентрично.

Самољубие

Со насочување на фокусот од родителите кон себе, детето доживува стрес. Сакајќи да стане независно, се обидува да ги идентификува своите интереси. За да утврди што му одговара, често преминува од едно на друго, „скока од тема на тема“, менува спортови, интересирања. Тој стрес на постојани промени се пренесува на целото семејство. Шестгодишникот постојано се фали со тоа што го направил, инсистира на сè, одбира место каде што сака да седи на маса, а не сака таму каде што ќе му кажат родителите.

Тестирање на границите

Секојпат кога ќе почувствува независност, детето проверува каде се границите, не слуша и го прави она што го сака. Родителите мора постојано да бараат дисциплина бидејќи чувствуваат дека ја губат контролата над него. Колку и да ги нервирало во претходните години тоа што постојано прашувало дали може нешто да направи, сега со носталгија се сеќаваат на тоа време.

Страв од непријатност

Како што поминува повеќе време со други деца, се плаши дека некој ќе го удри додека играат надвор. Исто така, се јавува и страв за тоа што може да му се случи, да се помоча додека е во градинка, па децата да му смеат. Затоа, потребно е да му се помогне во развојот на самодовербата. Присуството на возрасни лица додека игра на игралиште ќе го смири детето. Разговорот и охрабрувањето за слободно да прашува да оди во тоалет ќе го намали стравот од тоа да се измоча во панталони.

Страв од неуспех

Вклучувањето на детето во екипни спортови пред седмата година може да биде многу стресно. Без разлика што можеби ги разбира правилата на игра, контролирањето на топката, на пример, за него ќе биде тешко. Или можеби нема доволно кондиција за да го издржи натпреварот. Почитувањето на фер плеј играта, исто така, може да му зададе тешкотии. Подобро е да се играат натпреварувачки игри во безбедно опкружување, во кругот на семејството со родителите, браќата и сестрите. За детето од претшколска возраст, важно е да се натпреварува само со себе, со своите најдобри достигнувања, а не со другите деца.

Дисциплина и самодисциплина

Родителите можат сè да ги научат децата додека се мали бидејќи тие сакаат сè да знаат, особено сакаат да бидат како нивните родители. Тоа е процес и за децата треба да биде интересен, а не непријатен. Меѓутоа, во желбата детето да се научи на дисциплина и да се смири, родителите некогаш ја изговараат познатата реченица: „Седи и ќути!“ Моменталната послушност нема да го научи детето како да се однесува кога во негова близина нема да бидат родителите, пред сè, кога ќе тргне на училиште. Детето треба да завладее со самодисциплината, а нема доволно години за тоа. Некои деца не успеваат да го направат тоа и до адолесценцијата, па поради тоа имаат бурен пубертетски период.

Автор: Снежана Милановиќ, физиотерапевт, сензорно-интеграциски педагог



912

X