Воспитување

Две приказни за казнувањето – за превисоките очекувања и за стравот и казната

Кога во јавниот простор се зборува за казнување, повеќето од нас веднаш помислуваат на физичко казнување, тајмаут, скратување задоволства итн. Тоа се ситуации во кои возрасните свесно и со намера применуваат одредена воспитна мерка. Сепак, многу често детето може да биде казнето од страна на родителите и надвор од намерните примени на тие методи. Казнувањето не е секогаш под родителска свесна контрола. Преку овие две приказни ќе видите како може да изгледа тоа.

Приказна за превисоки очекувања

„Моите родители секогаш користеа критика или срам кога не успевав да ги задоволам нивните очекувања. Ме критикуваа бидејќи не бев тоа што тие сакаа, некако како нивната љубов да беше условена од задоволувањето на тие високи стандарди. Потоа дознав дека и нивните родители им го правеле истото“.

Кога детето дополнително открива дека всушност пофалбата на постигнувањата го надоместувала давањето љубов и родителско внимание, може да чувствува разочарување или бес насочен кон родителите, бидејќи било казнувано со недостиг на топлина и грижа. Последица од ваквите индиректни казни е детето да постави строг критичар во себе, како и да развие перфекционизам и превисоки стандарди во сè што прави. Децата во себе го интегрираат родителот, што значи дека ќе си се обраќаат себеси како што родителот го правел тоа во детството, без разлика дали тој родител во сегашноста е физички присутен или не. На пример, можеби ќе се казнува и омаловажува.

Што да се направи?

– Преиспитајте се. Во кои области од животот сте поставиле превисоки очекувања за себе и своите деца? Дали сте можеби склони кон перфекционизам во одржување ред, чистота или исполнување на училишните/ вонучилишните активности? Запишете кои области се тоа.

– Анализирајте. Кои се добрите, а кои лошите страни во поставувањето нереални очекувања? Сигурно препознавате колку добивате, а колку губите и вие и децата.

– Чувствувајте. Барем на момент бидете дете и сетете се кој и како вам во детството ви наметнувал одредени барања кои не сте успевале да ги исполните. Како се чувствувате поради тоа? Обидете се барем на 2 различни начини да го изразите тоа во реалноста.

Приказна за стравот и казната

Некои родители може да имаат извесни погледи на светот кои се пречка за детето или може да бидат до таа мера премногу заштитнички настроени што тоа предизвикува константна анксиозност кај детето. Ако во некој случај сте претрпеле од своите родители злоупотреба или занемарување, многу е веројатно дека тие обрасци несвесно ќе им ги пренесете на своите деца. Сето тоа претставува казнување од аголот на едно младо лице. Малото дете не ги разбира причините поради кои не добива доволно љубов или неговите потреби се занемарени. Пораката што родителот тогаш му ја испраќа е дека тоа не е добро, дека не е вредно за љубов и труд. „Секогаш сè ми забрануваа… да не се повредам, разболам или да бидам ограбена, нападната. Сè помалку излегував надвор и се дружев. Сметав дека тоа е нормално. Сега сум толку несигурна во себе и никогаш не смеам да останам сама некаде…“

За ваквите родители, „светот е едно опасно место“. Толку се во страв и нервоза што тие состојби константно се прелеваат врз детето. Тоа потоа станува сè поисплашено и постепено расте во една анксиозна личност. Со тоа што родителот константно се плаши од некоја опасност, болест, сиромаштија или губење на контролата, му испраќа (најчесто несвесно) порака на детето дека остварувањето на потребите и желбите е болно, страшно и забрането. На тој начин му ги скратува на детето играта, истражувањето или сопственото изразување (емоции, ставови, однесување…). Тие деца стануваат ранливи, преплашени и имаат недостиг на самодоверба. Детето на крајот ќе поверува дека е кревко, беспомошно, па дури и неспособно.

Што да се направи?

-Признајте. Во текот на денот одвојте време само за себе, макар 10 минути, па поразговарајте со себе. Дали го преувеличувате ризикот дека нешто страшно ќе се случи? На лист хартија запишете од што сè се плашите, а потоа бидете искрени и обележете што од тоа сте успеале да надминете поради своите деца. Ќе видите, колку повеќе се занимавате со тоа, ќе бидете позадоволни.

– Осврнете се. Дали сте склони кон тоа да ги намалувате сопствените способности и успеси? Се плашите ли од неуспех? Можеби ненамерно тоа му го пренесувате и на своето дете. Како било, погледнете назад и заклучете од каде потекнува тоа.

Поттик за понатаму

Сите многу добро знаеме дека родителството никогаш не било лесно. Бара непрестано преиспитување и многу работа на себе. Примери за децата сме ние, го сакале тоа или не. Планирале или не. Понекогаш е од помош да се вратите во мислите во сопственото детство и да увидите како родителите се однесувале кон вас. Кога ќе се соочиме со сеќавањата и емоциите, ќе можеме да продолжиме понатаму да ја „пробиеме“ научената бариера: да престанеме да се однесуваме исто како нашите родители. Тоа не е лесно, но заради изградување однос со детето, вредно е за трудот. Тоа може да се постигне единствено со свесна одлука да се менуваме и тоа не само заради децата, туку и заради нас самите и љубовта кон себе.

Автор: Тамара Костиќ, психолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top