Утрата – барем во текот на работната недела, не се време да смислувате „фенси“, вкусни појадоци и да ги комплицирате работите. Кога успевате да ги натерате сите да се разбудат навреме, да си ја завршат утринската хигиена и да одат навреме во градинка/училиште, мислите дека тоа е повеќе од доволно. И сепак треба да го вклучиме појадокот некаде! Се разбира, тоа ќе биде наједноставната варијанта.
Децата навистина ги сакаат житариците, особено ако се дизајнирани специјално за нив – во боја, со симпатични форми и слично. Па добро, тие се наменети за деца, и веројатно се здрави. Хмм – или можеби не се? Неодамнешна студија покажала дека житариците за деца, кои никогаш не биле особено здрави, стануваат сè понездрави – стануваат послатки и помалку хранливи.
Во студија објавена во „ЈАМА нетворк опен“, истражувачите од Универзитетот во Кентаки и Државниот универзитет во Луизијана велат дека ја анализирале хранливата вредност на житариците помеѓу 2010 и 2023 година – поточно оние наменети за деца на возраст од 5 до 12 години. Во тие 13 години биле лансирани 1.200 житарици кои вклучувале нови производи, нови формулации и ново пакување. Истражувачите откриле дека во тој период, вкупните масти по порција се зголемиле во просек за 33,6 % кај тие марки житни култури. Содржината на натриум се зголемила за 32,1 % – од 156,0 мг на 206,1 мг.
Препорачаниот дневен внес на натриум за деца на возраст од 5 до 8 години е помал од 1.500 мг, а за деца на возраст од 9 до 13 години е помал од 1.800 мг, според клиниката „Мајо“. Вкупните јаглехидрати останале релативно стабилни – со просек од 27,32 г во 2010 година и 28,45 г во 2023 година. Сепак, содржината на шеќер се зголемила за 10,9 %. Од друга страна, протеините и диететските влакна – две есенцијални хранливи материи, се намалиле.
Шуоли Жао, коавтор на студијата, изјавил дека појадокот е клучен оброк за децата и влијае врз нивната енергија и концентрација за учење во текот на денот.

-Ако вообичаените избори за појадок, како што се житариците во нивните најнови верзии, покажуваат тренд на понизок нутритивен квалитет, како што сугерира нашата студија, тоа потенцијално им отежнува на родителите да обезбедат здрав почеток на денот за своите деца. Исто така, верувам дека овие наоди придонесуваат за поширока дискусија за целокупната „средина“ на која се изложени децата бидејќи честопати работничките семејства може да имаат ограничено време за купување намирници, што доведува до ненамерни неоптимални избори на храна – вели Жао.
Додава и дека она што е достапно на полиците во супермаркетите е важно и се надева дека истражувањето ќе поттикне дискусија за тоа како засегнатите страни во прехранбената индустрија можат да создадат поздрави опции за децата. Жао одбил да сподели кои брендови биле проучувани и кои покажале најголем пад на хранливата вредност.
Автор: Наташа Крстичевиќ