-Тепајте ги децата во моментот кога ќе забележите дека почнуваат да личат на вас – рекол Душко Радовиќ во едно од неговите легендарни обраќања до белграѓани.
Но, спротивно на пораката на Радовиќ, повеќето млади родители се однесуваат токму спротивно. Се случува да почнат да ги „прогонуваат“ децата, најчесто тинејџерите, во повеќето случаи затоа што не се однесуваат како нив, им забрануваат да излегуваат, ги избираат другарите, ги тераат да бидат најдобри ученици… Поради ова, објаснуваат педагозите, постои лоша комуникација и помеѓу таткото и мајката, од една страна, и адолесцентите, од друга страна, а семејната криза може да достигне врв кога синот или ќерката ќе почнат да бараат утеха во пороци.
Педагогот Славица Станојловиќ од ОУ „Бата Булиќ“, Петровац, Србија, вели дека децата не им веруваат на своите родители затоа што мајките и татковците очекуваат премногу од нив, не ги прифаќаат такви какви што се и не поминуваат доволно време со нив.
–Токму затоа децата сè помалку се „отворат“ пред родителите и им кажуваат што ги мачи. Но, и мајките и татковците понекогаш ги прикриваат лошите особини на своите деца и не им објаснуваат на наставниците што можат да очекуваат од нив. На пример, кога ќе ги прашате дали нивното дете доживеало некаква траума во детството, дали имало несреќа, стрес или болест која бара внимание, повеќето од нив молчат. Се случувало група деца на училиште да уценуваат дете, да му изнудат пари, а кога тоа им било пријавено на нивните родители, не можеле да поверуваат дека нивните деца се такви – објаснува Станојловиќ.
Сите истражувања за односот меѓу родителите и децата покажуваат дека колку се постари децата, толку се поголеми проблемите што ги имаат во меѓусебната комуникација. Тинејџерите, најчесто затоа што мислат дека се погрешно разбрани, веруваат дека имаат право да го кажат тоа што го мислат, а ако мајките и татковците не ги забележат затоа што имаат поважни обврски од нивното воспитување, својот револт го изразуваат со удирање врати или молчење за лошите односи во семејството.

Тоа е така и затоа што децата се плашат да им кажат на своите родители за своите искуства, загрижени се дека нема да ги разберат и ќе ги лишат од сè што им е најважно на таа возраст, како што е гледањето со дечко или девојка, на пример. Истовремено, мајките и татковците, без разлика колку е модерен нивниот поглед на животот, имаат одредени стравови кога се во прашање нивните деца, како на пример дека нивното дете ќе се повреди, нема да успее во училиште, ќе почне да се коцка, ќе пие алкохол, ќе пуши или ќе се дрогира. А тука е и стравот дека другите ќе ги осудат оти не се добри родители, па почнуваат да вршат уште поголем притисок врз своите деца, „досадувајќи им“ со приказни за тоа како треба да бидат совршени во секој поглед.
-Денес многу татковци и мајки се однесуваат незрело, а голем број деца го надраснаа расудувањето. Децата што живеат во овие времиња, поради губењето на нивниот вредносен систем, изгубиле некаква внатрешна мотивација, тие не ја гледаат причината зошто мораат да учат. Родителите се пример за децата, а начинот на кој тие се однесуваат е токму начинот кој децата го копираат. Тие мора да разговараат со своите деца секој ден и да ги прашуваат што им се случува. Во спротивно, децата им се обраќаат на луѓето на кои им веруваат, а тоа најчесто се другарите – нагласува Станојловиќ.
Родителите што користат казна и осуда при воспитувањето на децата, поставувајќи донекаде диктаторски правила на однесување, кај децата развиваат чувство на страв, незадоволство, лутина, беспомошност, несигурност… А психолозите посочуваат дека тоа е она што најмалку им треба на децата бидејќи очекуваат поддршка од родителите со кои ќе можат да разговараат за сѐ, а не со мајки и татковци кои ќе го оценуваат секој нивни потег.
912