Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, најави дека ваучери во износ од 6.000 динари (нешто повеќе од 3 илјади денари) ќе добијат сите деца во Белград, заклучно со средношколците од четврта година, како и сите вработени во образовните и предучилишните установи.

– Јавната набавка за ваучери е објавена, а тие треба да бидат готови за дистрибуција кон крајот на ноември или почетокот на декември. Инсистирав да не се уплаќаат пари на сметките на родителите, туку тоа да биде ваучер што може да се користи за широк асортиман на производи – истакнал Шапиќ.

Како што појаснил градоначалникот, градот се одлучил за ваучери бидејќи може да се случи парите што лежат на сметка поради разни административни забрани или долгови, да завршат на друго место. Ваучерите, смета тој, се начин да се осигури дека парите ќе стигнат до децата.

– Средствата може да се трошат одеднаш или на неколку пати, а може и да се доплати за нешто што чини повеќе од вредноста на ваучерот – објаснил градоначалникот и додал дека би сакал Градот Белград да обезбеди новогодишна пакети за сите деца во иднина.

Шапиќ одржал и средба со директорите на сите предучилишни установи, основни и средни училишта во Белград, на која ги информирал за постапката за доделување ваучери. Секој директор на училиште е должен да има список со деца и да задолжува ваучери според бројот на деца и вработени на списокот.

Градоначалникот зборувал и за проширување на капацитетот за дневниот престој во основните училишта.

– Постојните капацитети не се доволни и во некои училишта има сериозен проблем во оваа работа. Мојата идеја е да го зголемам капацитетот на дневниот престој во секое училиште. Прво, ќе решиме каде се најитните потреби, а тоа мора да се направи и естетски. Секое училиште треба да ја одреди областа каде што би можел да се прошири капацитетот, а наше е да ја вклучиме оваа ставка во следните одлуки за градските буџети – заклучил Шапиќ.

Извор



912

X