Откако Факултети.мк праша во Министерството за образование и наука во што е проблемот, тој експресно беше решен, иако со денови наназад не можеше да се пристапи во системот
„Серверска грешка. Побараниот податок не е пронајден.“ Ова е текстот што се појавуваше изминативе две недели кога родителите се обидуваа да се најават во електронскиот дневник за да ги видат оценките на нивните деца. Откако Факултети.мк праша во Министерството за образование и наука во што е проблемот, тој беше веднаш решен, иако со денови наназад не можеше да се пристапи во системот.
Сепак, изминатиов период ниту наставниците ниту родителите имаа пристап во системот, а се очекува допрва тој да биде оптоварен бидејќи сите наставници во исто време ќе мора да внесат изостаноци и оценки за учениците.
– Во саботата кратко време работеше, па успеав да влезам и да напишам податоци. Очигледно има некаков проблем. Најверојатно го ажурираат системот, можно е да ставаат забрани за измени. Еве во делот каде што правиме план за писмена проверка на годишна основа, не можам да правам никакви измени. Постојано е во прекин е-дневникот во изминативе десетина дена – вели една одделенска наставничка.
Друга нејзина колешка, исто така, вели дека има технички проблеми целата измината недела.
– Сѐ уште успехот од ова тримесечје, описните оценки не ми се внесени во електронскиот дневник. Имав родителска средба, па морав да ги испечатам оценките за да може родителите да прочитаат за успехот – вели таа.
Од Министерството ни одговорија дека утрово се работело на надминување на проблемот поврзан со серверот на кој е поставен електронскиот дневник.
– Апликацијата сега е во функција – велат оттаму.
Речиси секоја година има технички проблеми со електронскиот дневник. Пред неколку години наставници реагираа дека им ги снемувало внесените оценки и други податоци. Инаку, родителите во текот на целата измината учебна година ниту еднаш не добија известување по СМС-порака за изостаноците и за оценките на нивните деца, како што тоа беше практика. Засега нема одговор зошто е тоа така, иако до пред извесно време секој родител на својот телефон добиваше СМС-порака еднаш неделно, со известување за успехот на ученикот.
Законска обврска на секој наставник во државата е да внесува податоци во електронскиот дневник, исто како и во печатениот. Пред неколку години електронскиот дневник не функционираше со месеци, бидејќи се одолжи постапката за избор на фирма што треба да го ажурира системот. Вообичаено пред крајот на учебната година проблемите се поизразени поради тоа што сите наставници внесуваат податоци во исто време.
912