Оној фактор плус што треба да го поседува секој дефектолог е емпатијата – моќта да се ставиш во положба и на родителот и на детето
Замислете колку е убаво чувството кога едно бебуле кое се родило со 1.000 грама по 6 години го испраќаме во училиште. Или бебенце со попреченост во развојот, кое не можело ни главчето исправено да го држи, стасало да биде интегрирано во редовно училиште. Ова е секојдневието на Љубица Димовска, дефектолог во Центарот за следење раст и развој на деца родени со фактор на ризик. Но, сите дечиња ја знаат и ја препознаваат како Бубе. Таа со љубов зборува за својата професија, за дечињата и нивните родители, на кои им помага да ги надминат секојдневните препреки, за својата одлука да биде дефектолог.
Како решивте да се занимавте со професијата дефектолог?
– Кога требаше да одберам што ќе студирам и која ќе ми биде идната професија, кај нас сè уште немаше студии за дефектологија. Како ученичка од Средното медицинско училиште, логично ми беше да продолжам на Медицинскиот факултет. Но, тоа беше премногу за моите сетила, почувствував дека изборот ми е погрешен и дека тука не можам да се дадам себеси. По две години студии слушнав дека е отворена катедра за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во тој момент ми стана јасно дека тоа е мојот повик. Како сè да си дојде на свое место. Сфатив дека откако паметам за себе сум била наклонета кон послабо другарче, другарче кое го одбегнуваат, различно детенце, без да имам претстава за видот и природата на различноста. Со запишувањето на дефектолошките студии сфатив дека можам да почувствувам кога некаде постои недостаток и можам да работам на негово надминување или минимализирање. Често ме прашуваат: „Како можеш да го работиш тоа? Нели ти е жал?“ Одговорот е НЕ. Не ми е жал затоа што таму каде што има сочувствување не постои простор за сожалување. Не сме сите исти, и тоа е факт. Но сите имаме иста потреба да бидеме прифатени, сакани и почитувани. Оној фактор плус што треба да го поседува секој дефектолог е емпатијата – моќта да се ставиш во положба и на родителот и на детето. И потоа работите полесно се решаваат, проблемите заедно се надминуваат.
Како се развиваше Вашата кариера?
– Додека студирав волонтирав во некои наши државни институции и имав контакти со деца со атипичен развој од мојата околина. По студиите се вработив во Центарот за следење на раст и развој на деца родени со фактор на ризик, каде што сè уште работам. Си ја сакам работата, си ги сакам пациентите и тој наш флуид не може да се искаже со зборови.
Нејзината примарна работа е да го процени развојното ниво на бебето
Вашата работа е насочена кон децата и нивниот најран развој? Верувам дека е меѓу најтешките области. По што е специфична?
– Фокусот на мојата работа се ризично родените дечиња и нивните семејства. Секое новородено бебе во семејството ја нарушува претходно воспоставената рамнотежа, во позитивна смисла, се разбира. Не е исто како кога биле сами мама и тато или кога имале само едно дете… Треба време да се направи ред и да се воспостави повторно тој баланс. Е сега, замислете како им е на родителите кога се соочуваат дополнително и со фактот дека нивното бебе се родило со ризичен фактор, кој би можел да има импликации во неговиот развој. Или на родителите на кои веќе им е потврдено дека нивното бебе ќе има атипичен развој. Тука лежи специфичноста на мојата работа. Да го проценам развојното ниво на бебето, да направам програма од стимулативни вежби и истовремено да работам со родителите, да им објаснам, да се соочат со состојбата, да ги обучам како правилно да ги применуваат вежбите дома. Потребно е да се има такт, трпение, способност да се разбере родителот, да му се помогне да разбере како тој може да му помогне на своето најмило.
Секое дете е прекрасно и специфично. Како работата со нив влијае врз Вашиот живот?
– Како ми влијае работата? Па да речеме ако некој сценарист реши да направи женска верзија од Петар Пан, јас би била одличен кандидат. Знаете ли колкава привилегија е секојдневно да сте опкружени со деца? Секое е приказна за себе, секое е прекрасно, секое носи свој предизвик и ми го разубавува денот. Замислете колку е убаво чувството кога едно бебуле кое се родило со 1.000 грама по 6 години го испраќаме во училиште. Или бебенце со попреченост во развојот, кое не можело ни главчето исправено да го држи, стасало да биде интегрирано во редовно училиште. Со едни дечиња се испраќаме зашто веќе пораснале, а нови мали бебиња чекаат на нас. Приказна без крај.
Во дневната соба имавме истовремено замок, лизгалка, базен со топчиња
И самата сте мајка на две прекрасни девојчиња. Како искуството како дефектолог го применувате дома, во растењето и воспитувањето на сопствените деца?
– Познавањето на раниот развој ми беше од голема помош, особено во првите години од нивното раѓање. Едноставно знаев што да очекувам во актуелната развојна фаза и како да ги стимулирам и подготвам за следната. Со самото тоа правев соодветен избор на игри и активности што одговараат на возраста. Средината секогаш беше адаптирана на нивните потреби. Имаше период кога во дневната соба имавме истовремено замок, лизгалка, базен со топчиња, кутии со сортирани играчки и сето тоа имаше свое место, не беше хаотично расфрлано. Кога и помалата ќерка потпорасна и ги тргнавме реквизитите, сфативме дека ние сме имале дневна соба… Па ми беше празно… Се шегував: „Како некој не ми остави пред врата бебе во кошница, како свое ќе му го изгледам“. 😉 Сега се веќе поголеми, училишни деца се, имаат воспоставен ред и развиени работни навики. Со задоволство одат во училиште, посетуваат нижо музичко училиште и тренираат латино-танци. Времето ќе покаже, но мислам дека моето искуство како дефектолог им направи солидна основа за правилен развој.
Да можете да се вратите назад, дали би ја избрале повторно оваа професија и која би била „резервната опција“?
– Апсолутно да. Дури и резервната опција во некое фиктивно сценарио ми е во стилот на „Лекари без граници“. Само ова би било „Терапевти без граници“…
912