Образование

Науката вели дека оваа изненадувачка особина му помага на детето да има подобар успех во училиште

Сите знаеме деца што „течно“ зборувале уште на 18 месеци или такви што на две и пол години возеле велосипед без помошни тркала. Постојат и деца што на шест години го свират Моцарт на пијано или ги читаат книгите за Хари Потер. Иако овие достигнувања се воодушевувачки, не се секогаш конкретни показатели за идниот образовен успех.

Сакате ли да знаете што е вистинскиот показател? Љубопитноста.

Во новата студија спроведена во Детската болница при Универзитетот во Мичиген педијатрите анализирале податоци од 6.200 деца следејќи ги од деветмесечна возраст до тргнувањето во градинка. Тие откриле дека големата љубопитност е поврзана со подобри вештини за читање и поголем успех по математика. Без оглед на полот или социјалното потекло, истражувачите додаваат: „Љубопитноста е важен, но недоволно признат придонес за образовниот успех. Нејзиното поттикнување може значително да ги подобри резултатите“.

Интересно е што трудот на децата и нивната способност мирно да седат и да слушаат на час имале помала врска со успехот отколку што се претпоставувало. Списанието „Наука дневно“ пишува: „Истражувачите зедоа предвид уште еден важен фактор – ‘контрола на напорот’ или способноста да се остане фокусиран на часот. Откриено е дека независно од тие вештини, децата идентификувани како љубопитни поминале одлично по математика и читање“.

Водечкиот истражувач д-р Прачи Шах појаснува: „Овие наоди посочуваат дека дури и ако детето покажува недоволен фокус на часот, тоа сепак може да постигне оптимални резултати ако поседува голема љубопитност“.

Затоа, следниот пат кога вашето дете ќе праша „зошто?“ побрзо отколку што можете да смислите одговор (Зошто небото е сино? Зошто јазикот на кучињата се поти? Зошто имам две очи?), прославете го тоа како знак на интелигенција. Потоа, однесете го во музеј или во библиотека да истражува. Љубопитноста ќе му ги отвори вратите кон успехот.

Извор

Поврзани написи

To top