Секој седми пар на планетава има проблем со неплодноста, а бројот на партнери на Балканот што не можат да станат родители порасна за третина во последните три децении. Родово сензитивната статистика сведочи дека помеѓу 11 и 13 проценти од жените имаат проблем со неплодноста, а неможноста да се остварат во улогата на мајка кај нив често предизвикува анксиозност, депресија и влијае врз општото функционирање и квалитет на живот. Неуспешноста да се остварат во својата биолошка улога, за некои жени може да претставува личен пораз, односно чувство на недостаток или несоодветност, поради што неплодноста има значајно влијание врз менталното здравје.

Со оглед на тоа дека неплодноста е често поврзана со општествената стигма и осуда од социјалната средина, приказната за стресот и неплодноста почнува да потсетува на метафората за кокошката и јајцето, бидејќи стресот ја намалува шансата за останување бремена, а неплодноста предизвикува голема количина на стрес. Последиците може да бидат долготрајни, а истражувањата покажале дека жените имаат значително повисоко ниво на депресивни симптоми во однос на жените што не се соочуваат со овој проблем, истакнува д-р Бојана Пејушковиќ, психијатар од Институтот за ментално здравје.

Објаснувајќи ја врската помеѓу стресот и неплодноста, таа потсетува дека дијагнозата за неплодност се поставува ако партнерите по 12 месеци редовни сексуални односи не успеваат да добијат дете. „Современите студии покажуваат дека причина за неплодноста во 45 отсто од случаите е мажот, во дополнителни 45 проценти одговорен е женскиот фактор, а во 10 отсто причината е непозната. Покрај гинеколошките и уролошките проблеми, сè поголем број истражувања детектираат непознат х-фактор во етиологијата на неплодноста, па така некои студии во Велика Британија сведочат дека непознат причинител се јавува во речиси 38 отсто од случаите, додека Израел пријавува петтина непознати причини за неплодност. Поради тоа, се поставува прашањето дали непознатата причина за неплодност, всушност, е од психогено потекло.

Иако статистиката на СЗО сведочи дека на планетарно ниво 15 отсто од паровите, односно 80 милиони луѓе имаат проблем со неплодност, податоците се разликуваат од земја до земја – така што САД пријавуваат 6 отсто, а Кина дури 25 отсто парови со проблемот неплодност. Загрижува податокот дека зачестеноста на неплодноста на Балканот пораснала за 30 отсто во последните 3 децении – од 1990 до 2017 година – предупредува д-р Пејушковиќ.

Новите истражувања говорат за влијанието на рестриктивните диети и прекумерни физички активности за настанување на женската неплодност, а сè повеќе се говори за тоа дека самиот стил на живот има влијание врз развојот на неплодноста. Утврдено е дека постои и сперма под „стрес“, која е помалку раздвижена и има помалку активни сперматозоиди. Обемните психијатриски студии сведочат дека депресијата се појавува кај 15 до 45 отсто од паровите што се борат со неплодност, додека анксиозноста се јавува кај 8 до 28 отсто од паровите што имаат проблем со зачнувањето. Жените често им велат на психијатрите дека се анксиозни, очајни и дека немаат чувство на контрола над својот живот бидејќи не можат да се остварат во својата биолошка улога. За жал, во нашето општество постои силен социјален императив дека жената мора да се оствари во улогата на мајка, поради што голем број жени без деца чувствуваат вина дека не успеваат да ги исполнат очекувањата на средината. Утврдено е дека и стапката на самоубиства е дури за 40 отсто повисока кај лицата што имаат проблем со неплодноста во однос на општата популација.

Резултатите од истражувањето на д-р Горан Пенев, демограф и член на Одборот за проучување на населението при САНУ и Билјана Станковиќ, психолог од Центарот за демографско истражување на Институтот за општествени науки, под наслов „Бездетноста помеѓу жените во репродуктивен период во Србија од демографска перспектива“, покажуваат дека во последните 30 години континуирано расте бројот на жени без деца. Овој тренд е започнат во 1991 година, кога третина од жените во репродуктивен период биле без потомство, за во 2020 година тој процент да биде 43,4 отсто, а зголемувањето на уделот на жени без деца било присутно во сите старосни групи.

Главни причини поради кои жените остануваат без наследник се одложувањето на раѓањето и брачниот статус – резултатите од ова истражување сведочат дека по 35. година, веројатноста за зачнување се намалува, шансата од неповолен исход од бременоста се зголемува, а методите на асистирана репродукција стануваат помалку ефикасни отколку на помлада возраст.

Автор: Катарина Ѓорѓевиќ

Извор



912

X