Ако имате брат, тогаш веќе знаете колку неверојатни луѓе тие може да бидат. Браќата се тука кога ни треба рамо за плачење, кога ни треба помош или кога ни треба партнер за правење беља. Но, тоа не е сè, се разбира. Истражување покажало дека постојат многу предности за девојчињата што ја имаат таа среќа да растат покрај браќа (како и обратно).

– Родовата поделба во детството значи дека децата со браќа и сестри имаат единствена можност да научат како е да се биде во интеракција со другиот пол, вклучувајќи ги и своите браќа и сестри, како и нивните пријатели – објаснува Сузан М. Мекхејл, директорка на одделот за општествените науки на Универзитетот „Дјук“.

Ова се четирите причини поради кои е толку добро да се има брат:

Братот може да ве направи подобра личност

Истражување од 2014 година, спроведено на Универзитетот „Бригам Јанг“, покажало дека растењето покрај брат ја прави личноста поемпатична. Дури истражувачите откриле дека блиската врска со браќата исто така го унапредува алтруизмот кај тинејџерите – што може да има голем ефект врз целото семејство.

– Нашето истражување покажа дека повеќето врски не се толку важни за момчињата како што се важни за девојчињата. Но, меѓусебната приврзаност помеѓу братот и сестрата е еднакво важна и за момчињата и за девојчињата – вели Лаура Падиља-Вокер, една од авторките на истражувањето.

…и да ги усоврши вашите комуникациски вештини


Истражувањето открило дека сестрите што растат со браќа имаат подобри комуникациски вештини од оние што растат со сестри или се единци. Како што објаснува Мекхејл, тоа би можело да биде така затоа што браќата се „извор на информации и совети кога адолесцентите почнуваат да развиваат хетеросексуални односи“.

Може да го намали нивото на стрес кај вас

Кога вашиот брат е и еден од вашите пријатели, поверојатно е дека ќе чувствувате помало ниво на стрес. Истражување од 2011 година открило дека времето поминато покрај машки пријатели го намалува нивото на кортизол, хормонот во телото кој го контролира стресот. Со други зборови, вашиот брат ви помага да се смирите и тогаш кога сè околу вас изгледа хаотично.

…и го подобрува вашето здравје

Ако вашиот брат е „фит“ и се храни здраво, големи се шансите и вие да ги споделувате неговите навики. Половина од испитаниците од истражувањето откриле дека нивното семејство имало најголемо влијание врз нивното здравје и стил на живот, а повеќе од една третина рекле дека нивните најблиски имале најголемо влијание врз нивната исхрана.

И како да му се покаже благодарност на својот брат?

„Топлина, комплименти и гордост“, вели Мекхејл.

Автор: Анамарија Скакија

Извор



912

X