Понекогаш не успеваме да ги разбереме сопствените деца, како да сме родени како возрасни. Ни требаат купови учебници, едукации и скапи советувања за некој со „повеќе нерви“ да ни каже дека треба да се спуштиме на нивото на детскиот поглед за да можеме вистински да комуницираме.
Како да сме заборавиле што ни значело нам кога сме биле мали.
А мене ми значеше…
- Мојата омилена кукла.
- Албумот со сликички што со љубов го пополнував.
- Кога мама се смееше.
- Кога јадев леб со еурокрем и пиев топло млеко.
- Кога ме праќаа во продавница по леб.
- Кога во куќата беше тивко.
- Кога пливав во езерото, додека мама на плажа мачкаше паштета на леб.
- Кога ќе ме бакнеа за добра ноќ.
- Кога тато ќе ми напишеше нешто во споменарот.
- Кога не беше расипан бојлерот, пеглата или рерната.
- Кога тато конечно ќе земеше плата.
- Кога дедо раскажуваше приказни од минатото.
- Кога игрмавме ластик со боси нозе на асфалтот.
- Кога не се чувствував виновна за ништо.
- Кога чекавме мама да заврши со работа, па заедно да се вратиме дома со топли лепињи од пекарницата.
- Кога бевме семејство…
Понекогаш забораваме што ни било важно бидејќи предвреме сме остареле. Истрошени сме, нервозни и во вечно брзање. Мислиме дека децата ништо не сфаќаат, а сè имаат. Не го разбираме нивниот свет, како никогаш да не сме имале сличен.
- „Што ќе ти се толку играчки? Земи една, доста ти е!“ Им требаат. Тоа се нивните пријатели. Можеби не зборуваат, но се разбираат. Сме ги имале и ние, се сеќавате?
- „Каде сега на тој тобоган, ајде одиме, гледаш дека е валкан!“ Мораат. Тоа е нивниот терен, нивното парче слобода. И ние имаме места каде што сакаме да одиме, па дури и нив ги влечеме таму со нас.
- „Што мораш ти сè да слушнеш?! Оди в соба!“ Детето не мора да слушне за да разбере. Тоа гледа. Чувствува. Исто како што чувствувавме и ние на лицата на нашите родители. Тагата не се крие, ниту кавгата, колку и да е тивок гласот зад затворената врата.
- „Ајде побрзај веќе, 15 минути стоиме во исто место!“ Ако во тоа место е убаво, треба да се остане засекогаш. Децата не го мерат времето со минути, туку со внимание и среќа. Се заиграле, убаво им е. Така правевме и ние некогаш.
„Никогаш не ме слушаш! Не си добар!“ Добар е. Добри се нашите деца.
Само треба ние, родителите, да се сетиме што нè болело нас кога сме биле мали. Што нè охрабрувало, што нè правело среќни. Без што не сме можеле, во што сме гледале со надеж. Од што сме се плашеле и за што сме мечтаеле.
Добри се нашите деца, само ние во меѓувреме заборавивме како е да се биде дете.