Доенчето во текот на првата година поминува низ големи скокови во развојот. Скоковите во развојот означуваат периоди од детскиот нормален развој во кои доаѓа до промена на ритамот на хранење, на спиењето (почесто будење), промена во детското однесување (детето е понервозно, понемирно, поплачливо) и има поголема потреба за доење. Повеќето деца воспоставуваат свој ритам на хранење, а зголемената потреба за доење најчесто е поврзана со скоковите во развојот. Кај децата не постои одредено правило колку грама ќе добие дневно и колку милиметри ќе порасне дневно. Тоа е индивидуално за секое дете.

Кога доаѓа до првиот скок?

Првиот скок во развојот се случува помеѓу седмиот и десеттиот ден од животот, кога детето поминува низ првиот развоен и моторички напредок, поради што има поголема потреба за храна. Важно е мајката секојпат да одговори на детскиот плач со нудење на дојката за по системот на понуда и побарувачка количината на мајчино млеко за неколку дена да се приспособи на зголемените потреби на детето.

Следниот скок во развојот се јавува околу третата и шестата недела, во третиот месец од животот, шестиот месец и деветтиот месец, во фазите кога детето почнува да се врти, да гуга, да ползи и да оди. Скокот во развојот го следи зголемувањето на висината и тежината на детето, а паралелно со тоа се зголемува и апетитот на детето. Скоковите во развојот се случуваат и кај доените деца и децата што се хранети со шишенце. Кај децата што се хранат со адаптирано млеко, важно е навреме да се препознае скокот во развојот за навреме да се зголеми количината на храна. Скоковите во развојот се особено чувствителни периоди и во нив мајките често одлучуваат да го прекинат доењето и да почнат со дохрана бидејќи се уверени дека немаат доволно млеко за своето дете.

Дојте го детето кога сака и колку сака

Скоковите во развојот не престануваат во првата година од животот. Растот и развојот се одвиваат и по наведените временски периоди. Мајките ги забележуваат скоковите во развојот на секои два месеца во текот на детството, а потоа периодично низ тинејџерската доба. Скокот во развојот обично трае 2 до 3 дена, а понекогаш и до 7 дена. Некои доенчиња бараат дојка на секој час во текот на скокот во развојот. Ако почесто го доите своето дете, вашите резерви на млеко ќе се зголемат, а детето ќе ја добие потребната количина. 20 минути доење на секој час е поефективно за зголемување на производството на мајчиното млеко отколку поретките и подолги доења. Ако вашето дете е во фаза на скок во развојот, овозможете му да цица кога сака и колку сака. На тој начин продукцијата на млеко ќе се приспособи на побарувачката. Не е потребно и не се препорачува во текот на скокот во развојот да се даваат надоместоци за мајчиното млеко бидејќи тоа може да го попречи доењето и да доведе до намалување на производството на млеко, па и до престанок на доењето.

Не хранете го детето според распоред

По завршени 6 месеци од животот, со постепено воведување дохрана, побарувачката на детето за мајчино млеко ќе почне постепено да се намалува. Надополнувањето и/или хранењето според одреден распоред ја попречува природната рамнотежа на понудата и побарувачката и го спречува вашето тело да произведува повеќе млеко во текот на скокот во развојот. Некои мајки чувствуваат поголема потреба за храна и течности во периодот кога детето има скок во развојот. Слушајте го своето тело и понудете му повеќе храна и течности. За некои мајки, скокот во развојот може да биде многу стресен бидејќи доенчето почесто бара да цица – и преку ден и во ноќта. Важно е да останете смирени, полни со трпение и да се насочите кон одговарање на потребите на своето дете. Би било добро да се побара помош од членовите на семејството за што полесно да се помине преку фазата на скок во развојот. Обидете се да доите во мир, тишина, да користите различни положби при доењето. Слушајте ги потребите на своето дете и посветете му се, особено во таа фаза. Важно е да се знае дека детето ќе поминува низ различни фази во текот на растењето, а секоја развојна фаза има свои карактеристики и тие се надоврзуваат една на друга. Тие го сочинуваат растењето.

Автор: Марина Ковачевиќ

Извор



912

X