Осумгодишните деца сè уште се развиваат и полека прераснуваат во зрели деца, а тоа претставува интересна фаза и за нив и за родителите. За време на пандемијата на коронавирусот, родителите се принудени да ги одгледуваат своите деца во карантински мерки, а тоа доведе до нови предизвици за двете страни. Мислевте дека фазата кога имаат 2 години е најкритична? Размислете уште еднаш.

Кога децата имаат 8 години, се верува дека тоа е најтешкиот период во родителството. Таа возраст го означува менталниот, емоционалниот и физичкиот раст. 8-годишните деца сè уште се развиваат и нивниот целосен карактер почнува да оживува. Телото се подготвува за пубертет – детето сè уште не е адолесцент, но хормоните реагираат.

Што точно се случува кога децата ќе наполнат 8 години:

Размислувањето на 8-годишна возраст

Децата имаат голем напредок во когнитивниот развој. Поставуваат многу прашања за да имаат доволно информации за заклучоци. Ова е фаза кога стекнуваат подобро разбирање на врската помеѓу причината и последицата. Очекувајте детето да експериментира за да види како функционираат работите. Како резултат на тоа, лесно ќе му се пренасочува вниманието и може да ги заборави малите барања или насоки што му ги давате. Тоа може да предизвика многу стрес и тензија дома, па треба да разберете дека детето станува свесно за тоа како неговите постапки може да влијаат врз други луѓе.

Чувствата на 8-годишна возраст

Децата на оваа возраст сакаат да ги задоволуваат луѓето што ги сметаат за поважни во нивните животи, вклучително родителите и наставниците. Стануваат самосвесни и сакаат да постапат правилно. Можеби изгледаат премногу самоуверени, но сè уште се многу чувствителни на верувањата на другите луѓе и лесно може да се засрамат. Кога член на семејството или пријател е под стрес, детето ќе покаже многу емпатија. Може да биде и многу самокритично. Родителите треба да им помогнат на децата да се фокусираат на своите силни страни, а не на слабостите. Нивното чувство за свесност може да предизвика страв и анксиозност. Помогнете му на детето да им даде смисла на работите кога не ги разбира тешките теми.

Играње и учење на 8-годишна возраст

Играта е понапредна, внесува идеи и може да ги контролира емоциите и однесувањето, па често ќе игра игри кои вклучуваат правила. Исто така, може да стекнува нови пријателства. Децата на оваа возраст повеќе го ценат пријателството бидејќи им дава чувство на припадност. Оваа развојна фаза е клучна за градење основни социјални вештини, како преговарање и споделување. Наоѓањето пријатели може да биде предизвик за 8-годишно дете бидејќи некои деца може да бидат шефовски настроени, а ако вашето дете биде жртва на „булинг“, ќе биде нерасположено дома. Обрнете внимание на таквите знаци.

Секојдневниот живот и однесување на 8-годишна возраст

Кај детето се развиваат моралните вредности. Исто така, станува свесно за тоа што прават другите луѓе и има тенденција да прави споредби. Додека тоа е добро, сепак може да доведе до жалби во однос на браќата и сестрите кога ќе чувствува дека не е третирано еднакво. Ќе сподели мислења и ставови кога ќе мисли дека ситуацијата е неправедна. Сака да воспостави независност, па ќе му биде потребна поголема автономија во однос на изборот за јадење, облекување, местење на косата. Како што ќе бара независност, така ќе станува потврдоглаво и ќе презентира однесувања како превртување со очите и трескање врати. Детето некогаш може и да ве игнорира, па иако ќе покажува став дека сака да биде третирано како возрасно лице, сепак на крајот од денот сака да биде утешено.

За да го минимизирате конфликтот со вашето 8-годишно дете, обидете се да промовирате независност колку што можете повеќе. Не ограничувајте го детето, туку дозволете му да проба нови работи, да истражува, да расте и да учи. Бидете му поддршка кога ќе се соочува со нови предизвици.

Ова е најдобрата фаза за да им дозволите на децата да направат некои работи без вие да се вклучите.

Автор: Сајмон Букс

Извор



912

X