Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека оваа законска обврска мора да се спроведе и дека пари за исплата на прекувремени часови има во буџетот

Во речиси ниедна општина, односно училиште, не е исплатен додатокот на плата за прекувремените часови во образованието иако тоа е законско право на вработените, реагира Јаким Неделков, првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Според пресметките на СОНК, за месец октомври пари за прекувремен ангажман требало да земат околу 1.000 наставници во Македонија.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека оваа законска обврска мора да се спроведе и дека пари за исплата на прекувремени часови има во буџетот.

Поднесени приговори, следуваат тужби

– Законот за работни односи не се почитува речиси никаде. Ние поднесовме приговори до училишните одбори, течат рокови, но досега од никаде немаме добиено позитивен одговор дека некој директор на училиште направил пресметка за повисока плата. Навистина ќе биде жалосно во услови кога и ние како Синдикат и Министерството за образование и наука вели дека има пари во буџетот за оваа намена, да не им се исплати потребниот труд на вработените – вели Неделков.

Тој додава дека сега се чека да завршат постапките со училишните одбори, по што ќе продолжи постапката со поднесување тужби од оштетените, при што СОНК им нуди целосно бесплатна правна помош.

– Директорите на училиштата, со тоа што не подготвиле платни списоци со повисоките плати, ќе им нанесат штета на училиштата затоа што на крајот кога наставникот ќе го добие спорот, училиштето ќе треба да ги подмири судските трошоци. За тоа ќе бараме директна одговорност од нив бидејќи во ек на пандемија наместо тие пари да се користат за нешто од што корист ќе имаат учениците и наставниците, тие несовесно се однесуваат – нагласува Неделков.

Според него, и локалните власти треба да преземат одговорност за штетата што им се нанесува на наставниците кои не ги добиваат парите што им се одработени.

Плус на плата требало да добијат 1.000 наставници

Според евиденцијата на СОНК, околу 1.000 наставници требаше да добијат повисока октомвриска плата. Покрај одделенските наставници, овде има и предметни наставници кои предаваат англиски јазик и физичко образование во одделенска настава. Секој требаше да добие пари за прекувремена работа зависно од тоа со колку часови учествува во наставата.

Фото: Јаким Неделков

МОН: Обезбедени се пари

И во МОН потенцираат дека исплатата на прекувремените часови е законска обврска, предвидена во Законот за работни односи.

– Ова мора да се почитува. МОН испрати официјален допис до училиштата, односно до училишните раководства да го имаат предвид овој момент. Секој наставник што работи прекувремено, со две групи, да го добие приходот што му следува. Пари за оваа намена има. МОН обезбеди дополнителни средства преку блок-дотациите. Така што, директорите треба да прават пресметки во кои на сите наставници што вршеле прекувремена работа ќе им се исплати тоа – децидни се во Министерството.

Иако сè е индивидуално, според некои груби пресметки, ова значи дека ако платата на еден наставник е 23.000 денари месечно, а ги исполнил часовите за прекувремена работа, дополнително ќе треба да му се исплатат околу 6.000 денари.



912

X