м-р Светлана Трнинкова, логопед

м-р Светлана Трнинкова, логопед

ООУ „Ванчо Прке“ – Штип тел: 075224315

Повеќе од авторот

Елективниот мутизам може да биде и реакција на говорните тешкотии што ги има детето и поради исмејувањето и задевањето од другите деца

Главниот причинител на елективниот мутизам се психолошките фактори. Оваа дијагноза најчесто се поставува во претшколска и рана школска возраст – детето престанува да зборува со другите од околината, а многу ретко зборува со личност која му е емоционално блиска. Детето со елективен мутизам селектирано ги избира ситуациите и личностите со кои ќе зборува и тие со кои нема да зборува. Емоционалните и интерперсоналните односи се терен на кој се развива елективниот мутизам. Се појавува на ниво на однесување (бихевиоризaм), на говорно однесување и на ниво на придружните симптоми од психогена природа. Од аспект на бихевиоризмот кај елективниот мутизам има проблем дека говорот се губи кај одредена категорија индивидуи-личности во одредени социјални и животни ситуации.

Освен бихевиоралниот пристап, важен е и психодинамскиот пристап, кој го третира и разбира мутизмот како една фиксација во раниот детски развој каде што се јавува одбивање да се зборува. Се одбива да се зборува затоа што ситуациите во кои треба да се зборува се доживуваат како опасни. Постојат и динамични фактори кои исто така придонесуваат за појавата на елективниот мутизам. Додека одредени функции интензивно се развиваат, како што е говорот, може да дојде до повреда на артикулаторните органи, пролонгирана болест која бара подолго болничко лекување и преголема приврзаност и презаштитнички став и однос мајка-дете. Во семејства каде што повеќе се молчи отколку што се зборува, каде што има аверзија кон друг член од семејството, прикриената агресивност се камуфлира со избегнување на комуникација со друга личност, а тензијата се чувствува во воздухот. Некои личности и деца имаат вродена преосетливост на многу животни ситуации. Тоа се таканаречените хиперсензитивни лица. Дете кое е злоупотребувано и малтретирано. Не често молчењето е замена за страв. Мутизмот е и реакција на невроза и семејни конфликти.

Јазичниот и комуникативниот статус на децата со елективен мутизам е дека тие немаат проблем во разбирањето на говорот и јазикот. Експресијата и говорното изразување се во ред. Речникот и структурата на реченицата се исто така нормално развиени. Но, во одредени ситуации комуникацијата се инхибира, се нарушува. Когнитивните способности им се нормално развиени и овие деца постигнуваат добри резултати на невербалните и вербалните когнитивни тестови.

Елективниот мутизам може да биде и реакција на говорните тешкотии кои ги има детето и поради исмејувањето и задевањето од другите деца. Детскиот инфантилен елективен мутизам обично трае неколку недели, месеци. Ако детето подолго е хоспитализирано или се надмине кој било друг развоен проблем, и елективниот мутизам исчезнува.

Разлики помеѓу мутизам и елективен мутизам

Тие се важни за дефинирање на соодветната состојба на детето, а и во насока на соодветно третирање на елективниот мутизам. Стручните лица ги третираат елективниот мутизам и мутизмот како различни облици на нарушување. Мутизмот е облик на нарушување кој е постојано присутен, за разлика од елективниот мутизам. Има три облици на мутизам што треба да ги знаеме за да направиме разлика од симптомите на елективниот мутизам.

  1. Вроден мутизам кој е последица на глувост.
  2. Хистеричен мутизам каде што личноста својата анксиозност конверзивно ја претвора во неспособност на организирање на движењето на говорните органи.
  3. Реактивен мутизам со кој детето изразува протест и незадоволство што е оставено и отфрлено.
  4. Мутизам кај возрасните кој може да се јави како резултат на многу стресни ситуации на некое автосугестивно ниво дека нешто не е во ред со говорните органи. Клиничката слика кај мутизмот е непроменета, нема враќање на говорот, а интензивниот стрес и трауми уште повеќе ја потенцираат.

Третман на лицата со елективен мутизам

Терапијата преку игра. Овој модел има корени во психоаналитичката теорија на личноста со бихевиорално тераписки модели и според Пијажеовиот пристап. Како средства се користат сет играчки кукли, минијатурен мебел, домаќинство и пластични домашни миленичиња. Детето преку играта ги повторува искуствата кои се трауматски и застрашувачки, кои се анализираат и преработуваат. Се стекнува контрола и емоционално растоварување. Играта релаксира, донесува многу слободни асоцијации и активности и има симболички карактер, а самиот терапевт треба да ги открие. Куклите на различна годишна возраст играат важна улога како заменски личности од реалноста.

Арт-терапија. Тоа е самоекспресивна тераписка техника која овозможува креативна и протективна експресија на проблемски содржини, кои се на несвесно потиснато ниво. Детето слободно црта, слика, обликува и така ги проектира проблемските теми. Во самиот уметнички производ доживува емоционално растоварување – абреакција. Психотерапевтот ги толкува несоодветните мисли, чувства и несвесните содржини кои треба да ги изведеме на свесно ниво. Арт-терапијата може да биде групна или индивидуална. Ликовното изразување е симболичко изразување или говор кој помага кај невербалното изразување на детето кое не зборува. Сето она што е потиснато на несвесно ниво на подолг временски период, и оставено некаде настрана, и одрекувано излегува на свесно ниво и детето се соочува со нив.

Социотерапија. Ова е облик на работа во кој се оди на воспоставување добри социјални односи со членовите на групата, преку игра, ритмика и други заеднички активности. Истовремено се воспоставува соработка со родителите, училиштето, воспитувачите. Се вклучува детето во други општествени активности. Социо-терапијата може да биде работна, рекреативна и окупациона. Често се применува и психотерапија на родителот или групна психотерапија.

Психодрама и социодрама. Ова е еден вид акциона катарза – празнење, губење на сите негативни емоции.

Постојат и: бихевиорална терапија (систематска десензитизација и моделирање) и логопедски третман.



912

X