Ако никогаш не сте ја слушнале реченицата: „Ама мамо, сите го имаат тоа освен јас“, дали воопшто сте родител?
Шегата настрана, ова со сигурност е една од оние фрази што се повторуваат додека детето расте. Но, ајде да застанеме за миг. Ние добро го знаеме овој трик – па, ние го измисливме!
Се сеќавате, нели? Имате десет години, сте се договориле со другарчињата да одите некаде по училиште, па секој дома ја носи истата приказна: „Мајка му на Марко го пушти, може ли и јас да одам?“ Целта? Родителите да помислат дека сите други веќе рекле „да“, па зошто тие би биле единствените што ќе кажат „не“? Тактиката беше беспрекорна. Едноставна, ефикасна и речиси секогаш успешна.
Вашите деца не се помалку интелигентни од вас. Го знаат истиот трик, само малку го надградија, додека вие го заборавивте.
„Сите“ – магичен збор што значи „барем еден“
Истражувањата од детската психологија одамна го потврдија она што родителите инстинктивно го чувствуваат – кога детето вели „сите“, тоа најчесто мисли на едно, можеби две другарчиња што нешто имаат или смеат да прават. Другото е приказна што се гради околу таа една точка.
Зошто толку лесно паѓаме на таа реченица?
Затоа што во нас се активира страв од исклученост. Не нашиот, туку на нашите деца. Не сакаме нашето дете да биде исклучено, да се чувствува поинаку или да не припаѓа на групата. Тоа е родителски инстинкт и во него нема ништо лошо.
Но, тука лежи замката. Децата тоа интуитивно го чувствуваат и несвесно (а некогаш и свесно) го притискаат токму тоа копче.
Покрај тоа, фразата „сите имаат“ го префрла товарот на одлуката од вас врз замислената група. Веќе не е само „сакам телефон“, тоа е барање што можете да го одбиете. Сега е „единствено моето дете нема телефон“, а тоа звучи како обвинување. И многу родители, несвесно, почнуваат да се бранат од обвинувањето наместо реално да го проценат барањето.
Како да излезете од таа замка?
- Проверете. Буквално. Следниот пат кога ќе слушнете „сите го имаат тоа“, прашајте мирно: „Кои се тие ‘сите’? Наброј ми ги по име“. Децата најчесто ќе набројат две-три, можеби пет имиња, а потоа ќе застанат. Тогаш целата конструкција почнува да се распаѓа.
- Разделете ги прашањата. Не мешајте дали нешто е добра идеја со тоа дали сите го имаат. Дури и кога навистина сите би имале нешто, тоа не значи дека е вистинско време, соодветна возраст или правилен избор за вашето дете и вашето семејство.
- Бидете директни. Не е срамно да му кажете на детето: „Дури и сите да имаат — ние одлучуваме кога е вистинското време за тебе, а не другарчињата“. Тоа не е суровост. Тоа е родителство.