Уписите на првачињата, кои вообичаено започнуваат во мај и се реализираат до септември, годинава ќе почнат во јуни поради вонредната состојба, рече на прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми.
– Работиме на утврдување конкретен образовен план со сет мерки што ќе се преземат во следниот период. Една од мерките е и пролонгирање на уписот на првачињата. Родителите, меѓу другото, при упис треба да имаат и потврда од стоматолог, која сега не можат да ја обезбедат – кажа министерот.
Тој информира дека вкупно 30.000 ученици добиле картички за мобилен интернет со 10 гигабајти месечно, а паралелно Министерството за образование и наука им помогнало на децата што немаат никаков уред за следење онлајн-настава.
– Во координација со локалните самоуправи обезбедуваме лаптопи, таблети и телефони. Ова го правиме за да можат децата, како и нивните врсници, да ја заокружат учебната година – рече Адеми.
За отворањето на градинките Адеми кажа дека ќе чекаат препорака од Комисија за заразни болести, додека за тоа дали родителите ќе платат цела сума за градинка во период кога децата не одат, рече дека тие одлуки ги носат општините.
912