Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имаме прашање во врска со нашето дете, а се однесува на неговата отвореност за комуникација со други деца. Нашата ќерка има 2 години и 8 месеци и нема брат/сестра. До 9 месеци ја чуваше нејзината мајка, а потоа чувањето го презеде баба, и секако ние како родители во попладневните часови и викендите. Тргна во градинка на 2 години и 2 месеци, одеше 6 месеци со прекини (поради настинки и вируси), но релативно брзо се навикна. Во периодот додека одеше во градинка кога ќе си дојдеше дома, беше малку понервозна, за разлика од периодите кога не одеше во градинка, но сепак не многу нагласено, туку повеќе како бунт.

Веќе 2,5 месеца не оди во градинка поради вирусите и вонредните мерки. Она што сме го забележале во нејзиното однесување е дека кога ќе одиме во парк, во игротека, кога ќе имаме гости со деца, пред зграда, потешко се впушта во игра со дечиња.
Поточно, многу е внимателна, си ги чува играчките, ги набљудува децата, како да е резервирана и не се впушта опуштено во комуникација со други деца. Не би рекле дека се срами, бидејќи генерално не прикажува знаци на срамење. Сепак, потешко се опушта да си игра сама со дечиња, бара ние да сме до неа, или да си игра со нас, а не со другите дечиња. Сепак, со некои дечиња е поопуштена и си наоѓаат заеднички игри, но по 10-15 минути играње пак доаѓа до нас провери дека сме тука, да нè гушне и слично. А кога сме дома, целосно е опуштена, не е хиперактивна, но сепак е енергична и послушна на нашите укажувања.

Учи и пее песни, трча, најголем дел од времето е весела, сака да читаме приказни, редиме сложувалки, гледаме цртани филмови и други активности. Но и дома не си заигрува сама, или многу ретко, повеќе сака некој, мама и татко, да е со неа во собата или да е вклучен во играта, или чека да ѝ дадеме идеја за играње. Ако не си играме со неа, доаѓа и пробува да ни го сврти вниманието, или бара да ја гушнеме и сл.

Ние сме постојано вклучени во играта со неа и се сомневаме дека можеби тоа е една од причините за нејзината резервираност кон други деца, но секако ова е само претпоставка.

Прашува: Зоки

ОДГОВОР: Почитуван татко, многу ми е драго и ме радува што сте активно вклучени во вашето родителствување, а тоа подразбира и ваша желба за едуцирање, осознавање и разрешување на вашите воспитни дилеми. Децата се раѓаат со веќе дефиниран темперамент, кој се наследува, т.е. има неврофизиолошка основа и кој не може да се смени, но може да биде моделиран од ваша страна токму преку процесот на воспитување. Тоа значи дека со воспитување, детето може да научи подобро да се справува со сопствените импулси и подобро да се приспособи на околината. Она што е најважно во родителскиот воспитен процес е всушност запознавање на своето дете преку запознавање на неговиот темперамент и прифаќање.

Христина Стефановска

Темпераментот е всушност карактеристичен начин на реагирање на детето на различни дразби и ситуации. Ќе ви дадам еден пример за темперамент. Меланхолик: ова дете е многу чувствително, лесно може да биде повредено, се сомнева и внимателно е, нерешително, срамежливо, а од друга страна, добро е и срдечно, секогаш спремно да помогне. Меланхоликот е затворен и насочен кон себе, тешко се приспособува во нова средина и нови деца, сака да биде во сенка, да гледа отстрана. Ова дете зборува потивко и казната ја прифаќа како нешто многу страшно. Ова не значи дека вашето дете е токму овој темперамент, но по она што ми го пишувате, ме потсетува токму на меланхоликот.

Можеби е комбинација од темперамент бидејќи темпераментот во чист вид се среќава многу ретко. Кај споменатиот темперамент, а и кај вашето дете, од огромна важност е воспитувањето на социјалните вештини. За почеток не мора и не треба да бидете 24/7 активни во нејзината игра.

Нека ѝ биде досадно. Нека се бори со досадата. Таа е многу важна за самопоттикнување и формирање независност во мисловниот процес бидејќи во спротивно колку повеќе сте со неа, таа станува сè понесигурна во сопствените обиди и размислувања и како што кажавте и вие, по 10-15 минути играње пак доаѓа да ве провери дека сте тука, да ве гушне.

Потоа расчистете го просторот за игра. Нека не биде пренатрупан со играчки, а таа презаситена од нив. Оставете кукли и кадифени мечиња. Поттикнете ја да ги нареди, да им зборува, да создаде самата нешто со нив. Исто така, важно е да не настојувате и да ја форсирате на игра со другарчиња, доколку таа ја одбива. Играта со децата воопшто не треба да се претвори во притисок или силни очекувања по секое одбивање да игра со некое другарче. Притоа, наместо да се користи: „Ајде оди играј со другите деца“, би требало да ѝ се каже: „Гледам дека играта што ја играат другите деца многу ти се допаѓа, мислам дека можеш полека, полека да им се доближиш и да ги прашаш дали може да играш со нив“. Впрочем, и таа оди релативно кратко во градинка и досега има научено да си игра само со возрасни, ред е во игра да им се приклучи и на врсниците, но и за тоа не треба да брзаме.

Како родители, најважно е да бидеме во исто темпо и со исти чекорчиња во развојот на нашите деца.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X