Она што особено револтира е што ние дури доцна синоќа бевме известени дека децата нема да имаат храна во училиште, со препорака да им испратиме од дома, вели родител

„Денеска и утре учениците нема да имаат топол оброк, а за четврток и петок ќе ве известиме дополнително. Со оглед на новонастанатата ситуација, праќајте им јадење на децата и кој е во можност да си ги земе децата во 12 часот“.
Порака со ваква содржина доцна синоќа добиле родители на деца што учат во основните училишта во Аеродром, од нивните наставници. Родителите се револтирани бидејќи ова се прави во последен момент и непосредно пред почетокот на второто полугодие.

– Одговорните во Општината знаеја дека договорот со фирмата што обезбедува храна за нашите деца завршува на 31 декември. Сите ние, родителите, имаме договор со фирмата кој траеше до завршувањето на првото полугодие. Во Општината знаат и дека тендерската постапка трае, дека е тоа процедура, дека има жалбени рокови. Оттука, нејасно е зошто се чекал последен момент. Она што особено револтира е што ние дури доцна синоќа бевме известени дека децата нема да имаат храна во училиште, со препорака да им испратиме од дома. Моето дете е во целодневна настава, на училиште е од 7 часот до 17 часот. Не е проблем да се прати храна, но тоа дете треба да се храни нормално и здраво. Не може на ладни сендвичи и на кроасани да биде цел ден – вели мајка на второодделенка во Основното училиште „Лазо Ангеловски“.

Татко на друго дете реагира дека не е во ред да не се добие навреме информација за тоа дека е добро децата порано да заминат од училиштето.
– Зарем не треба да се организираме? Многумина од нас немаат кој да им ги чува децата – вели тој.

Во ова училиште, во првото полугодие родителите плаќале по 1.470 денари месечно за топол оброк (појадок, ручек и десерт).

Емилија Бумбароска, мајка на второодделенка во истото училиште, вели дека секое известување од училиштето досега било навремено, сè до последново.
– Да се добие порака во 22 часот дека децата нема да имаат оброци на првиот училиштен ден од второто полугодие е незамисливо. Не се работи за тоа дека ни е тешко нам, на родителите, да им купиме нешто „суво“, но според најавите, цела недела ќе биде вака. А со овој однос се губи довербата. Што ако нема греење во следните денови? Моето дете е помало, па можеби нема ни да каже за тоа. До кога ќе траат овие тендерски игри врз грбот на најмалите? – револтирано прашува мајката.

Друг родител вели дека го испратил детето со полна торба храна.

– Појадок, ручек и ужина. Оти нема кој порано да го земе.

Тони Димов, директор на Основното училиште „Браќа Миладиновци“, вели дека е избрана фирма задолжена за храната, но во тек е жалбена постапка која ги одолжува работите.
– Имаше барање да се смени добавувачот на храна за учениците. Има жалба од фирмата која не го доби тендерот. Во меѓувреме ќе имаме совет на родители, а на родителите им е кажано во овој период да им праќаат храна од дома на децата додека да се реши ситуацијата. Има многу родители, секој има свое мислење, но наскоро нема да има никаков проблем. Кај мене лично денеска немаше реакции во врска со ова, но мој апел е да не се крева паника, децата ќе имаат храна од идната недела. Во нашето училиште кујната се подготвува, се чисти и се дезинфицира, а храната што ќе се приготвува ќе биде поквалитетна и подобра – уверува директорот.

За овој проблем побаравме одговор и од надлежните во Општина Аеродром. Штом ќе го добиеме, ќе го објавиме.



912

X