Кога во едно ќе се спојат играта и дружењето со грижата за физичкото и емоционалното здравје, тогаш е направен полн погодок. Таков проект реализирале во градинката „Мајски цвет“ во Битола, па на креативен и едукативен полигон уживаат 160 дечиња на возраст од три до шест години.

На полигонот има скокалки, делови за трчање, прескокнувалки, патеки за прецизно одење… Иницијативата на кадарот не чинела многу, а израдувала многумина.

Директорката на градинката, Снежана Торовска, објаснува дека полигонот е сензорна патека на која децата преку игри ги усовршуваат основните движења – одење, трчање, скокање, прескокнување – користејќи ги своите сетилни искуства, но и за да го потрошат вишокот енергија пред да се фокусираат на нова задача во градинката. Директорката додава дека полигонот е наменски направен како алатка за новата програма за социо-емоционален развој која ќе се реализира во градинките во Македонија во 2019/2020 година.

– Нашиот објект располага со голем ходник и решивме да го искористиме за нешто ново, современо и едукативно и за игра за децата. Воспитниот тим веднаш ја прифати идејата и воспитувачките, користејќи ја својата креативност, почнаа да го креираат полигонот. Како материјал користевме специјална водоотпорна фолија во различни бои – вели Тодоровска.

Таа објаснува дека улогата на полигонот не е само забавна, туку, пред сè, има задача децата за време на престојот во градинка да бидат весели, среќни и позитивни.

– Децата го прифатија полигонот со воодушевување. Цело време додека го правевме тие постојано прашуваа кога ќе биде готов и нетрпеливо го очекуваа неговото завршување. И родителите беа воодушевени, иако во живо го видоа само малкумина од нив, а повеќето го видоа на фотографиите што ги објавивме. Сите се воодушевени и среќни што нивните деца добија нова, забавна, но пред сè едукативна содржина за време на престојот на нивните деца во нашата градинка – вели директорката.

Откако бил завршен полигонот, воспитувачките од градинката им ја пренеле идејата на помладите колешки, кои планираат да направат вакви и слични полигони во нивните работни средини. Но, пред да им ја предложат идејата и на другите, воспитувачките не додржале да не ја испробаат.

– Речиси сите вработени пробаа да поиграат. Некои јавно, некои кришум без да ги види никој – велат од градинката.



912

X